Ниту песната рана затвора!
Иако поминаа многу тажни години од ненадејната смрт на популарниот штипски поп-музичар, Душан Љубисављевиќ, попознат како рамноправен член од дуото Дуле и Коки, неговиот пријател и колега музичар, Никола Јанков-Коки, дури сега објавува спот за нивниот голем хит – победничката песна од фестивалот „Макфест“, „Виолина и гитара“. Но, времето не ги излечи емотивните рани. Тие траат. Само се навикнуваш да живееш без својот другар, пријател. На тој начин продолжува да живее нивната музичка приказна, но овој пат само со виолина. Гитарата ќе го чува споменот на добриот Дуле. Така беше и на последното издание на штипскиот фестивал, кога Коки сам на фестивалската сцена ја испеа оваа незаборавна песна, опевајќи ја тагата по саканиот другар во секој збор.
Коки деновиве праќа абер дека подготвил анимиран видеоспот за песната, изработен со помош на вештачката интелигенција.
– За добрите пријателства, спомените, за вистинските љубови, за убавите песни… За непроспиените ноќи, за двајца другари… По 30 години од „Виолина и гитара“, ништо не е исто. Знам дека не е, ама пустото не ме остава на мир. Оваа песна заслужуваше видеоприказна повеќе од која било друга. Ниту песна рана затвора, кога и да запеам, на тебе сѐ ме потсетува.
Пресреќен сум што ја споделувам видеоприказната со вас – емотивно порачува Коки.
Со тоа ја пренесува до сите нас својата болка, но и сеќавањето на нивните заеднички години на естрадната сцена. Ноќи исполнети по кафеани, со музика, која по заминувањето на неговиот брат по душа повеќе не е иста.
Инаку, оваа година ќе се наполнат точно три децении откако тој и Душан Љубисављевиќ-Дуле победија на „Макфест“ и буквално прекуноќ станаа мегаѕвезди. Со една, ама вредна песна. Подоцна, Љубисављевиќ ја загуби битката со ракот, болест за која не знаеја и неговите најблиски. Не сакаше да ги оптоварува, а кога дознаа, за жал, веќе беше предоцна. (Д. М.)












