Криминалните групи пронајдоа нов, исклучително брутален метод за шверц на кокаин во Европа – тие користат стари бродови за добиток, преполни со илјадници болни и ослабени животни, за да избегнат контроли, открива истрагата на Центарот за поморска анализа и операции за борба против наркотици (MAOC-N), објавува британскиот Телеграф.
Според наодите на оваа специјализирана служба, до 10.000 говеда се товарат на бродови долги околу 200 метри. Условите на бродовите се опишани како „пеколни“ – смрдеата од распаѓање на животни, нечистотијата, инфекциите и неподносливите услови за живот создаваат средина во која ниту еден од инспекторите не сака да влезе, која криминалците намерно ја користат како основна форма на заштита.
„Не би сакал да поминам повеќе од една минута на еден од овие бродови; можам само да го замислам мирисот. Властите не ги сакаат овие бродови во нивните пристаништа“, рече еден аналитичар на MAOC-N, забележувајќи дека организираниот криминал намерно ги искористува одвратните услови за да избегне инспекции.
За полицијата и царината, ова создава двоен предизвик: покрај здравствените ризици, запленувањето на вакви бродови станува „логистичка кошмар“, бидејќи земјите би морале да се ослободат од илјадници животни во катастрофална состојба.
Бродовите пловат под таканаречените „погодни“ знамиња на Панама или Танзанија, крстарат по Карибите и на одредени места по патот собираат кокаин од помали бродови. Дрогата е скриена во силоси за жито или други прегради, а кога се приближуваат кон Европа, пакетите се пренесуваат на отворено море, врзани за надувувачки сплавови со GPS тракери. Потоа ги фаќаат соучесници во области во близина на европските пристаништа, најчесто во Белгија и Холандија.
Наодите на MAOC-N покажуваат дека криминалните мрежи не се двоумат да користат најнехумани методи за да избегнат контрола и да обезбедат испораки на дрога, што претставува нови предизвици за европските безбедносни служби.












