Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека гигантот за пијалаци, „Кока-кола“, се согласил да го замени сирупот од пченка со висока фруктоза со вистински шеќер од шеќерна трска во својот главен американски безалкохолен пијалак, „кока-кола“.
– Разговарав со „Кока-кола“ за користење вистински шеќер од шеќерна трска во „кока-колата“ во САД, и таа се согласи да го направи тоа. Би сакал да им се заблагодарам на сите надлежни во „Кока-кола“. Ова ќе биде многу добар потег од нивна страна – ќе видите. Едноставно е подобро! – напиша Трамп на својата платформа „Трут соушл“.
„Кока-кола“, во изјава, му се заблагодари на Трамп за ентузијазмот за иконскиот бренд „кока-кола“ и рече дека наскоро ќе сподели повеќе детали за нови иновативни понуди во асортиманот на производи на „Кока-кола“, без да потврди каква било промена во состојките.
Во неколку земји, вклучувајќи ги Мексико и Австралија, „кока-кола“ се произведува со шеќер од трска, за разлика од американската верзија, која користи поевтин и потраен сируп од пченка со висока фруктоза.
Самиот Трамп е познат како љубител на „диетална кола“ (Diet Coke), верзија на пијалакот без шеќер, со вештачки засладувачи.
Акциите на компанијата „Archer-Daniels-Midland“, главен производител на пченкарен сируп, паднаа за околу шест проценти во тргувањето по работното време во САД, по објавата на Трамп.