Која економија била најдобра во 2025 година?

53

„Економист“ од Лондон собра податоци за пет показатели: инфлацијата, „ширината на инфлацијата“, БДП, вработувањето и перформансите на берзата и направи истражување како се движеле овие параметри во 36 земји. Во април, кога ја започна претседателот Доналд Трамп трговската војна, инвеститорите и многу економисти се подготвуваа за остра глобална рецесија. Сепак, на крајот се очекува глобалниот БДП да порасне за околу 3 отсто оваа година, исто како и лани, што и не е така лошо.

Невработеноста останува ниска речиси насекаде. Берзите забележаа уште една година со солидни добивки. Единствена вистинска грижа е инфлацијата. Во земјите од ОЕЦД, таа сè уште е над целта од 2 % што ја поставуваат централните банки.

Истражувањето покажува големи разлики меѓу земјите и тие се рангирани според тоа колку добро поминале на секој показател, создавајќи вкупен резултат за економскиот успех во 2025 година.

Уште една добра економска вест за јужна Европа. По минатогодишната победа на Шпанија, овој пат на првото место е Португалија. Во 2025 година, таа комбинираше силен раст на БДП, ниска инфлација и растечка берза. Други членки на еврозоната што се мачеа во 2010-тите, вклучувајќи ги Грција (најголемиот победник во 2022 и во 2023) и Шпанија, исто така се близу до врвот. Израел продолжи со силното закрепнување од хаосот во 2023 година. Ирска за малку го пропушти првото место.

Оние што заостануваат, пак, се, главно, од Северна Европа. На дното се „туркаат“ Естонија, Финска и Словачка. Германија постигнува малку подобри резултати од претходните години, но сѐ уште не е добра. Истото важи и за Британија. Франција, и покрај својот политички хаос, постигнува прилично добри резултати. Преку Атлантикот, САД се рангирани само на средината  и минаа полошо од Италија. Нивниот пазар на трудот е силен, но не спектакуларен. Релативно високата инфлација го повлекува надолу целокупниот резултат на САД.

Всушност, наш прв показател е базичната инфлација, која ги исклучува цените на храната и на енергијата бидејќи се нестабилни. Една земја постигнува подобар резултат на нашето рангирање колку што е поблиску нејзината годишна стапка до 2 %, што е типична цел за централните банкари. Инфлацијата во Турција е сѐ уште милји надвор од она што се среќава насекаде на друго место, поради „лудата“ економска политика на нејзиниот претседател, Реџеп Тајип Ердоган. Естонија е втора најлоша, со основна инфлација од речиси 7 % во третиот квартал на 2025 година, бидејќи сѐ уште закрепнува од огромниот енергетски шок од 2022 година. Многу други земји имаат свои сопствени тешкотии. Основната стапка на инфлација во Британија е пониска отколку што беше во тој период лани. Но, со 4 %, таа е сѐ уште далеку над нивото каде што би сакала да биде Банката на Англија.

Во некои земји, основната инфлација е премногу ниска. Тука спаѓа и Шведска, каде што таа е речиси непостојна. За многу домаќинства, кои се уморни по четири години нагло растечки цени, тоа, можеби, звучи прекрасно. Сепак, во такво сценарио, економистите се загрижени за дефлација, која го обесхрабрува трошењето и го зголемува реалниот должнички товар. Подобро е да се има малку инфлација отколку воопшто да ја нема. Група други земји, вклучувајќи ги Финска и Швајцарија, имаат слични анемични податоци (читања). Јапонија има повисока инфлација отколку во 2010-тите, но ништо слично на прегревањето забележано на друго место.

„Ширината на инфлацијата“ (Inflation breadth) раскажува слична приказна. Таа го следи уделот на артиклите во потрошувачката кошничка, каде што растат цените за повеќе од 2 % годишно. Во некои земји таа скокна, вклучувајќи ја и Америка, можеби како резултат на агресивната фискална политика. Дури и денес, цената на повеќе од 85 % од артиклите во потрошувачките кошнички на Австралијците расте за повеќе од 2 % годишно.

Што е со растот и со работните места – другите работи за кои многу се грижат гласачите? Тука се истакнува Португалија. Туризмот доживеа бум, а и многу богати странци се преселуваат во земјата за да ги искористат ниските даночни стапки. Растот на БДП е далеку над европскиот просек. Чешката Република и Колумбија бележат пристојно зголемување и на производството и на вработеноста, туркајќи ги во горната третина од рангирањето. Наспроти тоа, Јужна Кореја губи работни места. Норвешка, која е, во голема мера, изложена на суровини и на бродски превоз, се бореше со забавувањето на глобалната трговија.

Во третото тромесечје од оваа година, Ирска забележа годишен раст на БДП од над 12 %, што е спектакуларно, но и погрешно. Многуте големи мултинационални компании што ги евидентираат профитите во Ирска ги искривуваат националните сметки на земјата. Ирските економисти преферираат да ја користат „модифицираната вкупна домашна побарувачка“, која ја објавува националниот Завод за статистика и ги отстранува повеќето од овие искривувања, па ние го користевме истиот показател.

Берзите го заокружуваат нашиот преглед. Можно е да очекувате американските акции да бидат убедливи победници. Меѓутоа, добивките на цените на акциите се само солидни. Нивните високи нивоа, главно, ја одразуваат успешноста од претходните години. Франција е слично просечна, при што акциите на нејзината највредна компанија, LVMH, стагнираат. Во однос на овој показател, никој не е полош од Данска. Во изминатата година, цената на акциите на компанијата „Ново Нордиск“, производител на „оземпик“ (Ozempic), падна за 60 % откако таа ја загуби водечката позиција на пазарот на лекови за слабеење.

За одлични приноси од берзата, погледнете на друго место. Иако чешките и јужнокорејските фирми добро се снаоѓаа во 2025 година, никаде не се снаоѓа подобро (во однос на локалната валута) од Израел. Во изминатата година, цената на акциите на највредната котирана компанија во земјата, Банка Леуми, се зголеми за околу 70 отсто. Португалските инвеститори, исто така, се снаоѓаа добро, при што берзата порасна за повеќе од 20 отсто во 2025 година. Може да има уште повеќе во иднина. Според нашите пресметки, берзата на земјата што ја номинираме за „економија на годината“ се зголемува во просек за 20 отсто во следната година. Ние не даваме инвестициски совети, но…

ИЗДВОЕНИ