Стимулирање на креативноста кај младите, промовирање на историското наследство на Скопската чаршија и предлог-креативни решенија за зачувување на културното наследство во иднина, се целите на француско-германскиот проект „Старата скопска чаршија: визија за иднината“, кој вчера беше презентиран од страна на Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција, заедно со институтот „Гете“ и амбасадата на Сојузна Република Германија. Настанот го отворија амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер и амбасадорот на Франција, Кристоф ле Риголер
Стимулирање на креативноста кај младите, промовирање на историското наследство на Скопската чаршија и предлог-креативни решенија за зачувување на културното наследство во иднина се целите на француско-германскиот проект „Старата скопска чаршија: визија за иднината“ кој вчера беше презентиран од страна на Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција, заедно со институтот „Гете“ и амбасадата на Сојузна Република Германија.
Настанот го отворија амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер и амбасадорот на Франција, Кристоф ле Риголер.
– Се радувам што заедно со мојот француски колега можеме да го претставиме овој проект кој ќе се реализира под надзор на луѓе што имаат искуство кое ќе влијае на тоа како тие го гледаат стариот град, односно Старата скопска чаршија – истакна Дрекслер.
Нејзиниот француски колега, амбасадорот Ле Риголер, пак, ја нагласи нивната традиционална соработка во реализацијата на проекти.
–Таа француско-германска соработка располага со одредени алатки кои го овозможуваат финансирањето на проектите. Тоа е нешто важно бидејќи овозможува да споделиме заеднички вредности што ги носиме – истакна Ле Риголер.
Тој додаде дека заедничка желба е да дадат поддршка на заштитата на културното наследство, со посебен мултикултурен акцент, што според него, е многу битно.
– Целта е да се сензибилизира важноста за зачувување на културното наследство – заклучи францускиот амбасадор во Македонија.
Во рамките на проектот се предвидени пет работилници: видеоработилници, работилници за фотографија, работилници по историја, по книжевност и по архитектура, а учество ќе земат околу 20 студенти од различни факултети во Скопје.
Во рамките на работилницата по историја, студентите ќе конструираат и ќе презентираат приказна исполнета со анегдоти од стариот град, додека работилницата по фотографија ќе биде фокусирана на: мултикултурните аспекти на стариот град, лицата на стариот град, неговите најубави споменици од иновативни агли и сокаците на стариот град. Во рамките на видеоработилницата ќе бидат претставени сцени од дневниот живот во Старата скопска чаршија, за да се покаже неговата разновидност: атмосфера во кафулиња, ресторани, продавници, зелениот пазар, потоа ноќниот живот, подигање на свеста за напуштените места, како што е карван-сарајот Капан ан, културниот живот во Старата скопска чаршија. Студентите кои ќе бидат распределени во работилницата по книжевност ќе треба да напишат приказна за стариот град, личен настан поврзан со него, лична визија за стариот град, текст посветен на еден од спомениците во Старата скопска чаршија. А во рамките на работилницата за архитектура ќе се разгледуваат прашањата: Како може да се зачува Старата скопска чаршија?, Како може подобро да се претстави и која е идната визија за стариот град?
Аниматори на работилниците се реномирани артисти, режисери и професори меѓу кои: Леонор Мерсие (Франција), режисерка и аниматорка на видеоработилницата, писателката Аријан Жус (Франција), која ќе ја води книжевната работилница, фотографот Хајнрих Холтгрев (Германија), аниматор на фотоработилницата, г-ѓа Даниела Николова, историчар, советничка и кустос, менторка на историската работилница, и проф. д-р Дивна Пенчиќ, професорка на Архитектонскиот факултет во Скопје и аниматорка на архитектонската работилница.
Работилниците ќе се одржуваат во Старата скопска чаршија, во Францускиот институт и во институтот „Гете“, во Скопје.
Петте работни групи од петте работилници во рамките на „Бела ноќ“, в сабота, во 20 часот ќе ги презентираат завршните дела во „Сули ан“, во Старата скопска чаршија кога и ќе биде одбележана завршницата на проектот во форма на мултимедијален спектакл. Во 21:00 часот ќе се одржи концертот „Париз – Берлин – Скопје“ со три диџеи: Бојан Јанев, Дарко Јорданов и Женева од Париз
(А. П.)