Драмскиот репертоар на 66. „Охридско лето“ вчеравечер на публиката ѝ ја понуди театарската претстава „Која е Лорет“ од Флоранс Кадије, во режија на Драгана Милошевски-Попова, а во изведба на Театарот за деца и Младинци-Скопје.

Во фокусот на приказната е Лорет, девојче со Даунов синдром, кое не е дефинирано преку една особина, туку преку сите улоги што ги живее. Според директорката на НУ Театар за деца и младинци-Скопје, Фросина Карловицс, претставата ги поттикнува младите да погледнат подалеку од првиот впечаток и да го препознаат другиот во сета негова сложеност.

-„Која е Лорет“ ги повикува младите да размислуваат за тоа како го градиме сопствениот идентитет, но и како ги гледаме другите. Лорет не е определена само од една карактеристика: таа е ќерка, сестра, ученичка, пријателка, актерка, режисерка и сликарка. Таа е дете кое сака да биде видено, прифатено и сакано, како и секое друго дете. Претставата испраќа порака дека човекот не може да се сведе на етикета, дека различноста не треба само декларативно да се прифаќа, туку вистински да се разбере и живее, вели Карловицс.

Маестралната изведба на театарската претстава „Која е Лорет“ е заслуга на актерите Ана Левајковиќ Бошков, Мики Анчевски, Винета Дамческа Мојаноска, Петар Стојанов, Анастасија Ласовска и Вања Стојановиќ.

-Исклучително сум задоволна и горда на актерскиот ансамбл на Театарот за деца и младинци. Станува збор за професионалци со големо искуство, широк сценски израз и ретка способност да комуницираат искрено со различни генерации публика. Во „Која е Лорет“ тие покажаа особена чувствителност, дисциплина и мерка, затоа што ваквата тема не дозволува ниту површност ниту патетика. Нивната посветеност не се гледа само во поединечните улоги, туку и во начинот на кој функционираат како ансамбл. Токму таа меѓусебна доверба и заедничка одговорност се меѓу најголемите сили на нашиот театар, појаснува директорката на оваа национална установа, Фросина Карловицс.

Драматизацијата на претставата ја изработи Милена Деполо, сценографијата и костимографијата се на Ирина Сомборац, а музиката ја компонира Сашко Костов.

Театарот за деца и младинци-Скопје е единствен театар специјализиран за програма за деца и млади. Тоа значи дека има огромна улога во уметничкото и културното образование на младите.

-Нашата задача е на младите да им понудиме простор во кој ќе учат самостојно да размислуваат, да препознаваат вредности и да развиваат одговорност кон себе и кон другите. Во време кога се изложени на огромен број брзи, фрагментирани и често агресивни содржини, театарот им нуди нешто сосема поинакво: живо искуство, концентрација, емпатија и средба со туѓа перспектива, додава Карловицс.

Репертоарот на Театарот за деца и младинци е разновиден и се гради според возраста, интересите и развојните потреби на публиката, но и според уметничката вредност на проектите. Тој опфаќа класични бајки и дела од детската литература прочитани низ современ сценски јазик, авторски претстави што обработуваат актуелни општествени и семејни теми, како и куклени, музички, интерактивни и младински продукции.

ИЗДВОЕНИ