Крадците кои провалиле во Лувр на 19 октомври и го украле накитот се обиделе да ги продадат украдените предмети на израелската безбедносна фирма CGI Group преку „темната мрежа“ (dark web), објави германскиот весник Bild, цитирајќи го Звик Навех, извршниот директор на компанијата.
„Пет дена по грабежот во Лувр, лице кое се претставило како претставник на крадците нè контактирало преку официјалната веб-страница на „CGI Group“. Тој прашал дали ќе преговараме на „темната мрежа“ за купување на украдените уметнички дела и нагласил дека имаме 24 часа да одговориме“, рекол Навех.
Компанијата CGI наводно била ангажирана од анонимно лице со блиски врски со Лувр за да ги пронајде крадците и накитот што го украле.
„Тајмс оф Израел“ објави еден ден по грабежот дека CGI изјавил дека Лувр побарал негова помош во пронаоѓањето на украдените артефакти, и дека Навех во тоа време рекол дека „Лувр конкретно ги замолил да ги откријат идентитетите на луѓето вклучени во кражбата и да ги вратат украдените артефакти“.
Што се однесува до последната понуда од претставниците на крадците, Навех рече дека CGI ја прифатил.
Според него, по долги преговори и истрага, било утврдено дека непознатото лице поседува барем дел од украдените предмети.
„Веднаш го пријавивме ова на надлежните органи во Париз. За жал, бирократските одложувања ја спречија можноста за враќање барем на дел од уметничките дела“, рекол Навех.












