По еуфоријата од извештајот на Европската Комисија за Македонија, политичките партии се враќаат на агендата на предизборната кампања за општинските избори и ветувањата пред граѓаните. Лидерот на најголемата политичка партија ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вели дека во монетов се фокусирани на зацврстување на внатрепартиската коалиција, а потоа ќе продолжат со разговорите со владините партнери и заемната подршка на кандидатите за градоначалник.
-Прво ќе ја потврдиме внатрешната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ со политичките партии, а потоа ќе продолжат разговорите и со коалициските владини партнерти,изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање до каде се преговорите со владините партнери Вреди и ЗНАМ и кога може да се очекуваат кандидати за градоначалници на општините Центар и Куманово.
– Преговорите со политичките партии се во тек. Сите политички партии кои се дел од нашата внатрешна коалиција се наш приоритет, тие преговори се во тек, се разговара. Очекувам коалицијата да биде потврдена. Потоа ќе продолжат и преговорите со нашите коалициски владини партнери. Во овој момент се движат во одлична позитивна насока.– одговори Мицкоски.
Двете најголеми политички партии ВМРО ДПМНЕ и СДСМ последниот период се во налет на црна кампања и меѓусебно етикетирање на градоначалничките кандидати. Од СДСМ ги набројуваат тендерите и депониите на конто на старо-новите имиња за кандидати за градоначалници на актуелната власт, а од ВМРО ДПМНЕ секојдневно им прогнозираат дали ќе освојат едно или пак две општини, нагласувајќи го поразителниот рејтинг на опозициската партија. Истражувачките центри почнаа со објавување на анкетите за рејтингот на партиите за престојните локални избори. Според телефонското истражување на порталот мкд.мк и Маркет вижн, а спроведено од 20 јуни до 4 јули на 1.200 испитаници, ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер Христијан Мицкоски и натаму се во убедливо водство. Од албанскиот политички блок со највисок процент на доверба е лидерот на ДУИ, Али Ахмети (6%). Венко Филипче како претседател на СДСМ е на третото место со доверба од 4,7%. Претседателите на партиите од коалицијата Вреди, Изет Меџити и Билал Касами имаат по близу 2 проценти, а Африм Гаши има 1%. Претседателите на ЗНАМ и на Левица, Максим Димитриевски и Димитар Апасиев се изедначени со по 3%.
Центар и натаму е на преговарачката маса кај коалиционите партнери во власта. Минатата недела Мицкоски изјави дека со ЗНАМ е постигнат принципиелен договор, односно партијата на кумановскиот градоначалник да настапи со свои советнички листи, додека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со свои. Во оние општини каде ќе одлучат да поддржат кандидат, било да е од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ или од ЗНАМ, едната и другата партија нема да истакнуваат посебни кандидати, туку ќе се поддржат меѓусебно.
Дополнително во јавноста е сосема сигурно дека кандидатот за градоначалник на скопската општина Центар ќе биде од редовите на ЗНАМ. Неодамна од партијата жестоко го нападнаа актуелниот градоначалник на Центар, Горан Герасимовски кој доаѓа од редовите на СДСМ, обвинувајќи го за недомаќинско работење, сомнителни јавни набавки и милионски трошоци што не дале резултат. Од Општина Центар ваквите наводи ги оценија како „синхронизирана негативна кампања за дискредитација на градоначалникот Горан Герасимовски затоа што се уплашени бидејќи не можат да најдат негов противкандидат. Иако сеуште не е познат кандидатот на ЗНАМ за Центар во јавноста се шпекулира со неколку имиња меѓу кои Софија Куновска и Саша Богдановиќ.
Кај албанскиот блок пак клучна е скопската општина Чаир, таму се поизвесно е дека силите ќе ги одмерат актуелниот министер за животна средина Изет Меџити и поранешниот министер за надворешни Бујар Османи. Во рамки на договорот за распределба на градоначалнички кандидати во коалицијата „Европски фронт“, неофицијално Зијадин Села ќе влезе во трката за Струга, додека Арбен Таравари, по пауза од еден мандат, се враќа во битката за Гостивар, каде веќе претходно беше градоначалник. Партијата на Села ќе има кандидати и во Дебар, каде во игра е Тирон Јајага, како и во Арачиново со Дритон Небиу. ДУИ пак ќе настапи со свои кандидати во повеќе општини: Еркан Арифи за Липково, Бајрам Реџепи за Тетово, Бесник Емшиу за Боговиње, Емир Сулејман за Желино, Аркин Јахији за Брвеница, Суат Шакири за Чашка и Алија Јаоски за Пласница.Таравари и неговата политичка структура ќе настапат и во Врапчиште, каде ќе го поддржат Исен Шабани, како и во општина Сарај со кандидатот Блерант Рамадани, објавувија неофицијално албанските медиуми.