Домаќинствата со ниски приходи, односно оние што имаат месечни приходи од 25 до 43 илјади денари и пензионери што земаат пензии од 15.700 денари до 23.700 денари, можат да аплицираат за клима-уред. Правото на инвертер клима- уред не може да го остварат домаќинствата што во изминатите пет години користеле субвенција за набавка на клима-уред или печка на пелети, како и оние што имаат приклучок на системот за централно греење.
Премиерот Христијан Мицкоски појасни дека на овој начин ќе им се помогне на ранливите категории семејства и ќе се намали загадувањето.
– Сите оние што ги исполнуваат условите, можат да аплицираат за клима-уред, огласот е објавен и трае 30 дена. За оваа намена се обезбедени околу 170 милиони денари. На овој начин ќе придонесеме овие семејства да имаат поголем комфор како во лето така и во зима. Исто така, ќе се обидеме да интервенираме во заштитата на животната средина и во намалувањето на загадувањето, особено во зимскиот период, односно кога ги затоплуваат своите домови – изјави Мицкоски.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, врз основа на Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија за 2025 година, ги објави огласите за поддршка на домаќинствата што спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија. Огласите се однесуваат на купен и вграден инвертер клима-уред со моќност од 3,5 kW и енергетска класа од најмалку А+ и за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за лицата што ѝ припаѓаат на категоријата ранливи потрошувачи.
Со огласите се обезбедува заштита на ранливите потрошувачи, кои се наоѓаат во состојба на енергетска сиромаштија, преку унапредување на енергетската ефикасност и подобрување на квалитетот на живеење на домаќинствата што исполнуваат утврдени критериуми за ниски приходи или се социјално ранливи.
На огласот за клима-уред имаат право да конкурираат домаќинствата со ниски приходи, чиј вкупен нето месечен доход во 2024 година не надминувал 25.000 денари за едночлено домаќинство, 31.000 денари за домаќинство со двајца членови, 37.000 денари за домаќинство со тројца членови и 43.000 денари за домаќинство со четворица и повеќе членови. За пензионерите, критериумите се 15.700 денари за едночлено домаќинство, 19.800 денари за домаќинство со двајца членови и 23.700 денари за домаќинство со тројца и повеќе членови.
Едно лице може да поднесе само едно барање за едно домаќинство.
За финансиска поддршка за потрошена електрична енергија имаат право да конкурираат домаќинствата со едно или со повеќе лица со тешка или со длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, со целосно слепо лице, со целосно глуво лице.
За доделување инвертер клима-уред, рокот за аплицирање е 60 дена од денот на објавување на јавниот оглас, односно до 5 октомври 2025. За финансиска поддршка за потрошена електрична енергија, рокот за аплицирање е 30 дена од денот на објавување на јавниот оглас, односно до крајот на август, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.