Кој ќе излезе од партискиот шинел и ќе го врати Скопје на скопјани?: Орце Ѓорѓиевски или Каја Шукова – слични приоритети, различна метла

395

Двајца кандидати за скопски градоначаник од спротивставени најголеми политички табори со мошне слични приоритети за решавање на најактуелните проблеми во македонската метропола. Орце Ѓорѓиевски од коалицијата предводена од владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ и Каја Шукова од групацијата на чело со опозициската СДСМ кои деновиве се објавени како кандидати веќе сега, три месеци пред локалните избори, откриваат кои ќе им бидат приоритетите доколку бидат избрани за првиот човек на Скопје. Неколкуте главни приоритети им се речиси идентични – чистење на градот и оддржување на јавната хигиена, јавниот градски превоз и сообраќаен хаос, урбанизам и чист воздух. Ова, бездруго, значи дека преку 450.000 гласачи во метрополата ќе се определуваат околу тоа кој ќе понуди подобри решенија за најгорливите проблеми во градот. Во своите досегашни настапи, пак, тие најавуваат дека веќе интензивно работат на решенијата и дека тие ќе се прават во соработка со граѓаните.

Ѓорѓиевска и Шукова, досега се единствени кандидати чие учество е потврдено на најавените избори, при што им е заедничко и тоа што секој од своја страна тврди исто – дека Скопје е тотално девастиран, уништен и украден град.

-Јас во кампањата нема да ги повторувам проблемите на градот оти Скопје е целосно девастиран град. Наместо тоа ќе понудам брзи и ефикасни решенија со кои тој ќе стане модерен европски град не град кој се дави во сивило. Ќе го извлечеме Скопје од сивилото и занемареноста во кои беше потонато изминатите години – изјавува деновиве Ѓорѓиевски посочувајќи ја вината најмногу кон актуелната градоначалничка Данела Арсовска и кој веќе се среќава со граѓаните во повеќе скопски општини.

И Шукова потенцира дека градот е доведен на најниското дереџе досега, но вината за тоа ја гледа во владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

-Не можеме да се правиме дека не знаеме кој и како го донесе Скопје до ова дереџе. Четири години со ВМРО-ДПМНЕ видовме што значи безредие, неодговорност и непочитување на граѓаните. Скопје е украден град, ставен во заложништво за сопствени интереси. Го уништија за политички да се пресметуваат со сопствениот градоначалник. Денес, секоја улица сведочи за нивниот неуспех. И нема да дозволиме тоа да се повтори. Скопје ја преживеа својата трета катастрофа после палењето на градот од страна на Пиколомини и земјотресот од 1963 година – потенцира таа на завчерашната конференција за печат.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски деновиве веќе отворено кажа кои ќе му бидат главни проритети доколку ја добие довербата на граѓаните.

-Проблем број еден е средување на комунална хигиена во градот. Сметот не се подига редовно, диви депонии насекаде. На градот му фали генерално и темелно чистење. Но, тие површини ќе се претворуваат во паркови, паркиралишта… Во спротивно, таму повторно ќе никнуваат депониии. Втор приоритет ќе ми биде јавен транспорт и сообраќаен хаос. Ќе стасаат нови автобуси а трамвајот е една од опциите за кои се  размислува. Целосно не ја отфрлам опцијата за БРТ но прашање е колку обебзедување на две ленти за негово движење ќе го забави сообраќајот на преостанатите две ленти – изјави Ѓорѓевски во едно телевизисико интервју.

Според него, трет приоритет е решавањето на проблемот со кучиња – скитници во градот каде има впечаток дека градското јавно претпријатие „Лајка“ недоволно се ангажира и дека напредокот не се гледа.

-Приоритетите се и урбанизам, донесување на нов Генерален урбанистички план. Ние мора да определиме во која насока ќе се развива Скопје. Треба да понудиме алтернатива оти не може веќе да се гради само во централното подрачје. Загадениот воздух е можеби прв приоритет но тука не се можни брзи решенија и не сакам да ги лажам граѓаните како други претходници. Решението е во гасните централи, замена на греењето на дрва со гас… – најавува тој при што деновиве се среќава и со скопски таксисти, угостители, образовни работници…

Неговата владеачка партија денеска соопшти дека „СДСМ ги очекува невиден дебакл во Скопје“ и дека кандидатката Шукова е излезена од „шинелот на Заев“ оти партијата и и Венко Филипче не успеале да мотивираат ниту еден човек со силен минат труд.

Шукова, пак, вчера порача дека скопјани бараат уредено, културно, чисто Скопје.

-Бараат градоначалник со јасна визија за тоа како ќе се развива градот и конкретен план како ќе се решат клучните проблеми. Без чуда, без лажни мега проекти и шарени програми на стотици страници. Јас сум тука да понудам решенија. Скопје може и мора да биде град за луѓето — чист, уреден, сообраќајно среден, зелен и безбеден. Град со кој ќе се гордееме, кој ќе биде наш дом, а не пазар на интереси – нагласи таа.

Оттаму и нејзините приоритети се врзани за тие области.

-Моите определби ќе бидат да го исчистиме Скопје и направиме функционални претпријатија за управување со отпадот, да направиме конкретен план и постигнеме резултати за чист воздух и чиста животна средина, да го обновиме јавниот превоз и да создадеме град во кој може да се стигне навреме и без нервози, да го запреме урбанистичкиот хаос и да ја вратиме контролата на граѓаните врз урбанизмот, да се посветиме на обнова и одржување на постојната инфраструктура на градот – нагласува поранешната министерка за екологија.

Таа додава дека приоритет ќе и биде и да се направат реформи за целосна дигитализација и искоренување на корупцијата и влијанијата кои доаѓаат од оние кои Скопје го гледаат како бизнис интерес.

-Но и тоа да ја вратиме културата, животот и урбаниот дух на Скопје кој толку многу недостига во моментов, да ја вратиме безбедноста во градот, секој ден и секој чекор по скопските улици мора да биде безбеден и удобен за секој граѓанин – потенцира Каја Шукова. (Б.Ѓ.)

Пред четири години имаше 12-мина кандидати

Од останатите табори се уште нема најави со конкретни личности. Опозициската Левица неодамна објави дека ќе има свој партиски кандидат но неговото име се уште не е познато. Од останати партии засега има само најави дека „се размислува“ за кандидатурите но е и потврди дека тоа ќе финишира и со избор на конкретна личност. Неизвесно е, исто така, дали ќе има и независни кандидати, а што намногу ќе зависи од условите кои треба да бидат позанти до крајот на месецов. На локалните избори во 2021 година во трката за скопски градоначалник имаше 12 кандидати.

 

ИЗДВОЕНИ