Кој ќе биде нов гувернер на Народна банка?

73

Мандатот на актуелната гувернерка на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежовска, истекува месецов, седум години откако беше избрана од страна на Собранието. На 21 мај треба да се гласа за нов гувернер, но официјално засега се уште нема име предложено од претседателката Гордана Силјановска-Давкова. Процесот за избор на нов гувернер, според процедурата, не може да се реализира без позитивно мислење од претседателката на државата.

За избор на нов гувернер потребно е да гласаат 61 пратеник. Во меѓувреме се шпекулира со четири имиња за оваа позиција. Како можни кандидати за нов гувернер покрај Ангеловска-Бежовска која има право на нов мандат се и поранешниот министер за финансии Зоран Ставревски кои извесно време не врши никаква државна функција. Трајко Славевски – универзитетски професор, поранешен министер за финансии и актуелен претседател на Советот на Град Скопје, кој веќе подолго време важи за еден од највлијателните економски гласови во партијата. И поранешната вицегувернерка и актуелен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Маја Кадиевска-Војновиќ, актуелна членка на Надзорен одбор на Клириншки интербанкарски систем, која е и член на Надзорен одбор на Стопанска банка АД Битола.

Неофицијално, во рамките на владејачката ВМРО-ДПМНЕ била спроведена и внатрепартиска анкета за можниот избор на гувернер, со цел да се тестира поддршката и прифатливоста на потенцијалните кандидати во јавноста и во експертската заедница.

Овој избор доаѓа во клучен економски момент, во услови на перзистентна инфлација и растечки трошоци на живот. Народната банка, преку својата монетарна политика и надзор над финансискиот систем, има централна улога во стабилизирањето на економските текови и зајакнувањето на довербата во финансиските институции.

ИЗДВОЕНИ