До Министерството за енергетика е пристигнато барање за изградба на когенеративна гасна централа со моќност од 495 мегавати и која ќе произведува и електрична енергија и топлина. Оттаму не откриваат кој е инвеститорот и каде би се градела централата, но нагласуваат дека е ставена во Планот за пријавени намери за реализација во текот на 2026 година. Во земјава има само една когенеративна централа, тоа е „Те-То“, а во најава се и неколку такви од турската компанија „Акса“, но за да се започне со нивна реализација најпрво треба да се заврши гасниот интерконектор со Грција од каде што ќе се добива природен гас од терминалот Александропули.
Од МЕРМС информираа дека во Планот 2026 се ставени и пристигнатите и барања за изградба на батериски системи за складирање на електрична енергија од разни субјекти со вкупен капацитет од дури 4.172 мегавати. Голем број иницијативи се поднесени и за фотоцентрали со капацитет од 5.052 мегавати и ветерни паркови со 1.520 мегавати. Од МЕРМС известија дека се раскинати 45 договори за концесии за ископ на руда и за градежни суровини поради непочитување на законите или на еколошките мерки
До Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) е пристигнато барање за изградба на когенеративна гасна централа со моќност од 495 мегавати и која ќе произведува и електрична енергија и топлина. Оттаму не откриваат кој е инвеститорот и каде би се градела централата, но нагласуваат дека е ставена во Планот за пријавени намери за реализација во текот на 2026 година. Во земјава има само една когенеративна централа, тоа е „Те-То“, а во најава се и неколку такви од турската компанија „Акса“, но за да се започне со нивна реализација најпрво треба да се заврши гасниот интерконектор со Грција од каде ќе се добива природен гас од терминалот Александропули.
Министерката за енергетика, Сања Божиновска, истакна дека освен за гасна централа, до 1 октомври во Планот за 2026 година се ставени и пристигнатите барања за изградба на батериски системи за складирање на електрична енергија од разни субјекти со вкупен капацитет од дури 4.172 мегавати. Голем број иницијативи се поднесени и за фотоцентрали со капацитет од 5.052 мегавати и ветерни паркови со 1.520 мегавати.
Од МЕРМС известија дека се раскинати 45 договори за концесии за ископ на руда и за градежни суровини поради непочитување на законите или на еколошките мерки, како и неисполнување на условите од концесискиот договор. Едноставно се раскинати договори со 34 концесионери поради недоволна динамика во работењето, како што е на пример, договорот со „Мелкам инжинеринг“ од Скопје за концесија за експлоатација на варовник на локалитетот Лавинчеви во атарот на селото Страчинци во Општина Гази Баба, каде што се ископува варовник.
Претходно, и Министерството за животна средина информираше дека е раскинат договорот со „Мелкам инжинеринг“ поради сериозни пропусти и непочитување на законските обврски. Министерот Изет Меџити образложи дека концесионерот не обезбедил минимална експлоатација од 20% според договорот, односно 25 илјади тони годишно, во 2022 година биле ископани само 277 тони, во 2023 година нема активност, а во 2024 година само 187 тони. Активностите биле често прекинувани и не се почитувани законските обврски. Исто така, концесионерот не платил концесиски надоместок за ископаните количества во последните три години.
Инаку, на 11 концесионери им се истечени договорите и не се продолжени.
– Ова следуваше откако се направија контроли од страна на Инспекторатот за енергетика, рударство и минерални суровини. Тие направија вкупно 248 контроли од кои 170 вонредни – истакна Божиновска и најави многу построги критериуми во однос на издавањето и контролата на концесиите.
За таа цел, од министерството најавија дека ќе се формираат посебни единици за контрола во Прилеп и Штип, каде што ќе бидат вработени локални инспектори за работењето на концесионерите.
– Отсега концесиите нема да бидат давани на максимални 30 години, туку рокот ќе се намали на 7-8 години. Ќе биде купено и беспилотно летало со посебен софтвер за следење на нивната работа – најави Божиновска.
Во Државниот инспекторат за енергетика и рударство во моментов функционираат околу 14 инспектори, но потребни се двојно повеќе за да функционира институцијата како што треба.
Божиновска информираше и дека се активирани 39.401.550 денари банкарски гаранции за фотоволтаици кон четири компании.
– Наследивме шест судски спорови што досега сме ги губеле, потоа две тужби против државата во износ од 315 милиони денари. Тие се одбиени. Има многу тужби без никакви основи, ја тужеле државата, а никој не реагирал и се губеле судските процеси. Министерството поведе и 17 тужби за наплата на 32,8 милиони денари и уште 20 предмети поврзани со концесии за кои прв пат добиваме – истакна таа.
Министерката Божиновска најави и дека Македонија ќе биде домаќин на глобалниот енергетски дијалог, кој од 28 до 30 октомври ќе се одржи Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD -14) што ќе се одржи од 28 до 30 октомври во Скопје, во организација на Министерството за енергетика и рударство и УНДП. На форумот ќе се расправа за Енергетска поврзаност и регионална соработка, енергетска безбедност и стабилност, за праведна енергетска транзиција, како и за меѓународна соработка и инвестиции.
Уапсен газдата на „Марковски компани“ и поранешни директори на РЕК „Битола“
Финансиска полиција го уапси Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани ДООЕЛ“ од Битола и конзул на Белорусија во Македонија. Според неофицијални извори, Финансиската полиција го сомничи Марковски за местење тендер од околу 100 милиони денари или 1,6 милиони од државниот буџет.
Во акцијата, финансиска полиција уапсила и директори на енергетскиот комбинат РЕК „Битола“.
Компанијата „Марковски компани ДООЕЛ“ стана најпозната по своите милионски договори со РЕК „Битола“, најголемиот енергетски капацитет во државата. Марковски во јавноста е познат и како почесен конзул на Белорусија во Македонија.
Од АД ЕСМ вчера преку соопштение ја информираа јавноста дека ниту еден член од тековното раководство на РЕК „Битола“ не е приведен, ниту е инволвиран во тековната постапка.
– Приведените лица се дел од поранешното раководство на РЕК „Битола“, а постапката што ја водат надлежните органи се однесува на дејства и одлуки донесени во претходниот период, пред сегашното раководство да ја преземе функцијата. Го охрабруваме целосното расветлување на случајот и изразуваме поддршка за институциите во спроведување на законските процедури, со цел утврдување на фактичката состојба – велат од АД ЕСМ.
(С. Бл.)