четврток, јули 23, 2026
Дома СВЕТ Кој ги влече конците во војната што економски го покори светот: Американците...

Кој ги влече конците во војната што економски го покори светот: Американците бараат да се тргне Трамп, Израелците протестираат против Нетанјаху, за иранскиот водач Хамнеи велат дека е во кома

579

Се бара Трамп да се отстрани од функцијата со активирање на 25. амандман на Уставот на САД, кој овозможува пренос на власта ако претседателот не е во можност да ги извршува своите должности. Во повеќе израелски градови, викендов, имаше протести против војната во Иран и Либан, на кои граѓаните искажаа гнев кон Нетанјаху, посочувајќи го за главен виновник за војната. „Тајмс“ објави дека иранскиот ајатолах, Моџтаба Хамнеи, не е во свесна состојба, но очигледно е дека во земјата има луѓе кои успешно ја водат војната 

 

Сè поголем број американски конгресмени повикуваат претседателот Доналд Трамп да се отстрани од функцијата со активирање на 25. амандман на Уставот на САД, кој овозможува пренос на власта ако претседателот не е во можност да ги извршува своите должности. Причина за овие повици се ескалациите на Трамп и заканите кон Иран, особено најавите за напади врз цивилната инфраструктура.

Повикот на претставничката во Конгресот од Аризона, Јасамин Ансари, е најновиот во низата повици за активирање на 25. амандман против Трамп. „Трамп ескалира разорна и нелегална војна, заканувајќи се со масовни воени злосторства и целејќи цивилна инфраструктура во Иран. Само во последните 48 часа, реториката отиде надвор од границите“, напиша Ансари на социјалната мрежа „Икс“. Претходно, реагираше претставничката Илхан Омар од Минесота.

– Ова е неприфатливо. Повикајте се на 25. амандман. Укинете го. Отстранете го. Овој неурамнотежен лудак мора да биде отстранет од функцијата, рече таа.

Ним им се придружи претставничката Мелани Стенсбери од Ново Мексико, која рече: „Време е за 25. амандман. Конгресот и кабинетот мора да дејствуваат“. Поранешниот републикански претставник Џо Волш од Илиноис, исто така, се вклучи.

– Тој засекогаш ќе биде дамка на оваа земја. И на светот. 25. амандман. Сега!, рече Вилш.

Демократскиот сенатор Крис Марфи објави на „Икс“: „Да бев во кабинетот на Трамп, ќе го поминев Велигден повикувајќи уставни адвокати за 25. амандман. Ова е целосно, апсолутно неурамнотежено. Тој веќе уби илјадници луѓе. Ќе убие уште илјадници.“

Ниту воениот партнер на Трамп, израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху, не котира подобро во својата земја. Во повеќе израелски градови, викендов, имаше протести против војната во Иран и Либан, кои полицијата ги задуши. Околу илјада граѓани беа собрани на плоштадот во Тел Авив, а повеќето од нив, во своите изјави за странските медиуми, искажаа гнев кон Нетанјаху, посочувајќи го за главен виновник за војната. „Нетанјаху е најголемата закана за постоењето на Израел“, пишуваше на некои од транспарентите.

– Јас сум против војната затоа што… многу сум скептична кон причините што ги даде премиерот – рече за АФП 62-годишната Сесил.

На протести се кренаа и жителите на Хаифа, Ерусалим и во Бершева.

Ниту по најавата на САД дека ако до денеска не се склучи примирје ќе ги бомбардира електраните, на што Израел подготвено чека, Иран не се предава, иако е нејасно кој го води, по веста што во вторникот го обиколи светот – дека врховниот водач, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, е во кома. Според „Тајмс“, тој не е способен за да ја води земјата и е на лекување во светиот град Ком, 140 километри јужно од Техеран.

– Моџтаба Хамнеи се лекува во Ком. Тој е во сериозна состојба и не е во можност да учествува во какво било донесување одлуки од страна на режимот, се вели во дипломатски меморандум, кој наводно се базира на американски и израелски разузнавачки информации и е доставен до сојузниците од Заливот, што го видел  „Тајмс“.

Според меморандумот, телото на неговиот татко, ајатолахот Али Хамнеи, кој загина на 28 февруари, при првиот американско-израелски удар на Иран, се подготвува за погребување во религиозната престолнина Ком, а според разузнавачките агенции, таму ќе се гради повеќе од една гробница, што сугерира дека други членови на семејството, а можеби и самиот Моџтаба, би биле погребани таму. Но, очигледно, Иран има луѓе кои успешно ја водат војната.  Иранскиот претседател, Масуд Песекијан, изјави дека тој и повеќе од 14 милиони граѓани се подготвени да се борат во случај на копнена инвазија од САД или Израел. Во тек е кампањата за пријавување доброволци, дури и меѓу пензионираните војници. Упатен е и повик до младите, спортистите, уметниците, учениците, студентите и до нивните наставници да се соберат околу електраните, кои, како што најави Трамп, ќе бидат цел на нападите.

ИЗДВОЕНИ