Денеска до 15 часот на територијата на Македонија беа активни десет пожари, но состојбата од минута во минута се менува – едни се гаснат, а други се распламтуваат. Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, се сомнева дека пожарот, кој настана во неделата помеѓу селата Блаце и Чучер во општина Чучер-Сандево, и кој беше активен и вчера, е подметнат затоа што на местото каде што настанал пожарот утрово пожарникарите пронашле дрвени пелети за кои треба да се утврди дали били прелиени со бензин и фрлени во смреки
Според Центарот за управување со кризи, денеска на територијата на државата беа активни десет пожари, но состојбата од минута во минута се менува – едни се гаснат, а други се распламтуваат. До 15 часот беа активни пожарите кај прилепското село Бешиште, каде што гореше мешана шума, а помеѓу селата Црешнево и Слатин во општина Македонски Брод гореа дабова шума и грмушки. Во истата општина кај село Самоков гореше пожар предизвикан од лесно запалив материјал, кој потоа се прошири кон селото Рамне каде гореа селските гробишта, а беа зафатени делови од камбанаријата на црквата и мензата.
Денеска гори ниска вегетација кај поранешната фабрика „Порцеланка“ во Велес, а чад се издигнува во карпестиот предел кај изворите на река Бабуна под Солунска Глава. Ниска вегетација и стрниште гори кај пробиштипското село Петршино, нискостеблеста шума кај село Николич во општина Дојран, како и депонијата кај „Њу стар“ хотелот во Шуто Оризари.
Дали пожарот кај Блаце е подметнат?
Пожарот кој настана во неделата помеѓу селата Блаце и Чучер во општина Чучер-Сандево, и денеска е активен и гори мешана шума и ниска вегетација. За пожарот кај Блаце, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, се сомнева дека е подметнат. Тој изјави дека на местото каде што настанал пожарот утрово пожарникарите пронашле дрвени пелети за кои треба да се утврди дали били прелиени со бензин и фрлени во смреки. Според Ангелов, некој намерно повторно сакал да потпали на истото место.
Поради сериозноста на пожарот беа испратени два полициски хеликоптери од Хеликоптерската единица за полициски намени при МВР, Бел 412 и Агуста бел 212, кои исфрлија стотина тони вода.
Иако првично Ангелов изјави дека нема опожарени објекти во пожарот во Чучер-Сандево, стигна демант од градоначалникот на оваа општина, Сашко Комненовиќ, кој изјави дека пламените јазици фатиле седум викендички кај местото Голиово.
– Директорот не знае што зборува. Јас сум тука трет ден, дома не сум појден, имаме седум опожарени викенд-куќи на место викано Голиово. Имаме и едно повредено лице, дете кое учествуваше ноќеска во гаснењето на пожарот и заврши во болница поради вдишување на чад – изјави Комненовиќ.
Поради големата зафатеност на територијата на општина Чучер-Сандево со шумски пожар, Комненовиќ прогласи вонредна состојба сè до гаснење на пожарот кој денеска е со слаб интензитет, но поради ветрот кој дува, тој очекува пожарот и натаму да се проширува.
Општинскиот кризен штаб на Чучер-Сандево доби помош во гаснењето на пожарот од општините Карпош и Бутел.
– Активно ја следиме состојбата со пожарите кои ја зафатија Скопска Црна Гора. По разговор со командирот на полициската станица и со останатите надлежни институции, Општина Бутел ја стави својата механизација на располагање и подготвена за дејствување. Доброволни екипи од месната заедница Љубанци учествуваа во гаснење и локализирање на пожарите. Остварив и телефонски разговор со општествено одговорни компании кои можат дел од својата градежна механизација да стават на располагање – рече градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски.
– На барање на градоначалникот на Чучер-Сандево за помош при справувањето со пожарот кај Блаце, кој во текот на вечерните часови почна брзо да се шири и излезе од контрола, градоначалникот Стевчо Јакимовски итно го мобилизираше тимот за заштита и спасување на Општина Карпош и го испрати на помош – информираа од општина Карпош.
И пожарите влегоа во партиските препукувања
Пожарите што ја пустошат Скопска Црна Гора, Солунска Глава, Македонски Брод… не останаа настрана од партиските препукувања. Опозицијата обвинува дека власта не знае да се справи со нив и ги остава граѓаните сами да се справуваат со огнените стихии, властите, пак, тврдат дека се многу поорганизирани и со механизација и со опрема за гаснење, како и во приодот со справувањето со пожарите.
– Додека цела држава е под огнена стихија, владата на Мицкоски, заедно со Ангелов, Тошковски, Мисајловски и останатите молчи. Не дејствуваат и повторно ги оставаат граѓаните сами да се борат со стихијата. Само еден ден по спектакуларното сликање со „импровизирана“ противпожарна единица и старите хермелини од Армијата, на дело ја видовме нивната неспособност и опасната импровизација. Целото шоу траеше 24 часа – потоа дојде реалноста. Пожари на повеќе локации, вонредна состојба во општини, а граѓаните сами со лопати и црева се борат со огнот, затоа што институциите целосно потфрлија, велат од опозицијата – реагираат од СДСМ.
Потсетуваат дека минатата година изгоре 12% од територијата на државата, повеќе отколку за сите седум години додека СДСМ беше на власт.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека за разлика од порано кога државата во летните периоди беше во пламен, сега се реагира веднаш и не се чека да изгори опфатениот дел, па да се гаси.
– СДС беше на власт 7 години и наместо да се позанимава со набавка на возила, модернизација или, пак, да покрене некаков чекор за борбата со огнените стихии, тие гледаа од каде тендер да наместат и да ќарат провизии. 38 возила се ставени во употреба за гаснење на пожарите, Македонија за прв пат со оваа Влада добива интервентна пожарна со 50 специјализирани возила за гаснење на шумски пожари, кои имаат одлични карактеристики и капацитети за справување со тешко достапни терени. Армиските и полициските возила се пренаменети и ставени на располагање на Владата и на Дирекцијата за заштита и спасување со цел зголемување на капацитетите за справување со пожарите во земјава. Со пренамена на полициски и армиски возила државата заштедува неколку десетици милиони евра, а се зголемуваат капацитетите за гаснење на пожари – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Утре дожд и ветер, в четврток значителен пад на температурите
По долг период на многу топло време со температури до 41 Целзиусов степен, убава вест пристигна од Управата за хидрометеоролошки работи од каде велат дека поради продор на посвежа воздушна маса од север и засилен северен ветер (над 60 км/час) утре, а особено в четврток ќе има значително опаѓање на дневната температура (од 8 до 10 степени).
Утре претежно во северните делови ќе има повремен локален дожд, а во петок услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Во деновите потоа времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност, а температурата ќе биде во постепен пораст.
(С.Бл.)