Од Управата за заштита на културното наследство признаваат дека на објектот е евидентно оти децениски се врши вандализирање со одземање помали елементи од него, за што, како што велат, се вршел редовен увид, а во одредени случаи била известена и полицијата. Нагласуваат дека состојбата ќе остане непроменета сè додека објектот физички и технички не се обезбеди од Градот Скопје, кој управува со објектот. Но, како што додаваат, досега Градот не презел активности во таа насока. Информираат дека во текот на 2024/25 година се реализира третата фаза од Основниот проект за конзерваторско-реставраторски работи на Аквадуктот во Скопје (изработен од Конзерваторскиот центар Скопје), а која опфаќа конзервација и реставрација на 10 арки од јужната страна. – Овие арки се од тула и интервенциите се однесуваат токму на оштетените тули во овие арки. Согласно со Одлуката на Владата, со споменикот управува Градот Скопје, кој донесува План за управување со него, согласно со Законот за заштита на културното наследство. Планот за управување со недвижното културно добро – Аквадукт во Скопје ќе обезбеди висок степен на заштита на исклучителната вредност на заштитеното добро
Културното наследство треба да престане да биде жртва на негрижа на институциите и цел на вандализам и оштетување. Токму тоа сега му се случува на скопскиот Аквадукт, кој е лоциран кај Визбегово, во непосредна близина на градот.
И додека пред одредено време, а и сега, според кажувањата на граѓани кои деновиве биле таму, околината наликува на депонија, сега било забележано дека недостасуваат и тулите од сводовите на една од позначајните знаменитости на Скопје.
–Некој доаѓа и ги крши, демолира и ги краде циглите од сводовите. Ова не беше вака пред еден месец. Ова веќе е активна деструкција на културното наследство. Страшно е тоа што се случува – реагираат граѓани на социјалните мрежи потврдувајќи го тоа со фотографии.
Предлагаат објектот да се загради и да се заштити. Освен тоа, додаваат дека во околината повторно има многу отпад, меѓу кој и токсичен, односно азбесни плочи од покриви.
Од Управата за заштита на културното наследство признаваат дека на објектот е евидентно оти децениски се врши вандализирање со одземање на помали елементи од него, за што, како што велат се вршел редовен увид, а во одредени случаи била известена и полицијата.
Нагласуваат дека состојбата ќе остане непроменета сè додека објектот физички и технички не се обезбеди од Градот Скопје кој управува со него. Но, како што додаваат, досега Градот не презел активности во таа насока.
– Управата за заштита на културното наследство во периодот од 2009 година активно учествува во процесот на следење на состојбата на културното добро – Аквадукт, процесот на прогласување на културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење, и во процесот на одобрување на горенаведениот проект и следење на неговата реализација – велат од оваа институција.
Информираат дека во текот на 2024/25 година се реализира третата фаза од Основниот проект за конзерваторско-реставраторски работи на Аквадуктот во Скопје (изработен од Конзерваторскиот центар Скопје), а која опфаќа конзервација и реставреција на 10 арки од јужната страна на објектот.
– Овие арки се од тула и интервенциите се однесуваат токму на оштетените тули во овие арки. Согласно со Одлуката на Владата, со споменикот управува Градот Скопје, кој донесува План за управување со него, согласно со Законот за заштита на културното наследство. Планот за управување со недвижното културно добро – Аквадукт во Скопје ќе обезбеди висок степен на заштита на исклучителната вредност на заштитеното добро. Тој ќе претставува основа за донесување развојни одлуки од сите засегнати страни, со што се обезбедува рамнотежа меѓу заштитата на доброто и неговото искористување. Успешното управување со културното наследство мора да биде сеопфатно и да обезбеди одржлив развој на територијата од доброто. Планот ќе даде јасни насоки за обезбедување на самоодржливост на културното добро како и негова техничка и физичка заштита – сметаат од Управата за културно наследство.
Датумот на изградба на Аквадуктот до скоро не бил познат. Се сметало дека тој датира од времето на античкиот период на Римското Царство или средновековниот период на Империјата, во времето на Јустинијан I, од 527 – 554 година, па поради тоа овој аквадукт се нарекува и Јустинијанов аквадукт. Според овие мислења, тој бил поврзан со градот Скупи. Се смета дека преку аквадуктот била спроведувана вода од изворот Лавовец во селото Глуво на Скопска Црна Гора, до „топџиската касарна“, Мустафа-пашината џамија, до некогашниот турски уќумат, Куршумли ан и Сија-беговата џамија. Водата преку аквадуктот се пренесувала со цевки кои оделе од запад кон исток.
Се верува и дека поради сличноста со техниката на градење на аквадуктот со Куршум ли – ан во Скопје, тој не потекнува од византискиот период, туку бил граден во текот на XV век, кога градот Скопје започнал интензивно да се зголемува заедно со новите исламски градби: амами и џамии, за чија градба и функционирање било потребно големо количество чиста вода.
За стариот скопски водовод – аквадукт во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година пишувал и македонскиот револуционер, Ѓорче Петров. Имено, тој запишал дека водоводот започнувал од самото подножје на Скопска Црна Гора на 2 ½ часа растојание од Скопје и над самото село Глуво каде што во земјата имало ископана една не многу широка дупка. Стените на дупката биле направени со ѕид, а од горе стоела железна решетка за да не влегуваат нечистотии во неа. Таа скромна дупка била почетокот на прочуениот скопски водовод.
– На самиот брег на Бањанка и на неколку чекори од почетокот на водоводот има чешма со бујна, студена вода убава за пиење. Некојси паша (веројатно прочуениот Хамзи-паша) посакал да ја внесе и таа вода во водоводот, но околните селани, особено бањанци и чучерци, се дигнале против пашата и не допуштиле да се случи тоа, зашто таа чешма им служи за напојување на добитокот – напишал Ѓорче Петров. Понатаму, тој го дава следниот опис на протегањето, изгледот и градбата на водоводот аквадукт: „Надолу под селото Бразда, водоводот среќава еден рид, кој ја пресекува реката Бањанка. По долината на реката, водоводот ја пресекува височината и врви надолу дури да стигне наспроти Скопје. Долината на Крива Река (долното течение на Бањанка) е значително пониска од калето, зошто нејзиниот лев брег над градот се издигнува во вид на рид. За да може да се искачи врвот на тоа возвишение од страната на село Оризари, браздата минува по еден мост потпрен на диреци. Тоа се споменуваните сводови (арки) на водоводот од патописците. Тој мост (аквадукт) има 62 столба од кои секој е висок 6 метри, долг 5 метри, а широк 4 метри. Историското значење не му било познато, но во тоа време водоводот аквадукт бил без секакво значење поради што бил занемарен.
Аквадуктот последен пат бил обновен по скопскиот земјотрес во 1963 година, кога биле поправени три лака и два столба кои паднале поради неговата јачина.
(А. П.)