АД „Македонска навигација М-НАВ“ и струковиот синдикат на контролори на летање, остануваа со спротивставени ставови околу законитоста и основата за штрајкот кој требаше да се одржи во понеделникот, но и вчера, но истиот не се одржа поради времената забрана што минатата недела ја донесе Граѓанскиот суд Скопје. Според правниот тим на М-НАВ, струковиот синдикат е нелегитимен субјект кога станува збор за организирање на штрајк, прескокнати биле сите законски процедури, вклучувајќи ја и медијацијата, а не биле наведени ниту барања од областа на законот за работни односи.
– Прекинатиот штрајк на синдикатот е продолжение на најавениот штрајк од 2023 година кој е завршен и прекинат со Спогодба, Ако стануваше збор за негово реактивирање, во известувањето на синдикатот до раководството морало да се наведе од која спогодба е истото и што не е исполнето. Доколку има било какви реални и конкретни забелешки и доколку постојат реални причини за штрајк, апсолутно независниот синдикат и синдикатот за сообраќај и врски и ССКЛ има право со конретни барања за заштита од работен однос, да организира штрајк. Еве го тоа известување, не постои ни едно право. Не можеме да правиме супституција на тези затоа што подружницата на синдикатот рекло – ние баравме и да кажеме дека тоа е законито барање. Барањата мора да бидат во форма каква што се препишани со закон – истакна Горан Николоски-правен застапник на М-НАВ.
Тој истакна дека Управниот одбор на М-НАВ со право констатирал дека организирањето на штрајк и обидот за негово спроведување претставува лична одмазда и лична вендета од Александар Тасевски, претседател на Независниот синдикат и на подружницата ССКЛ, посочувајќи кој се бил вработен во М-НАВ од неговата потесна фамилија, и дека синдикалецот сега врши притисок за вработување на други членови од семејството.
Тасевски, пак, тврдењата на правниот застапник на М-НАВ ги оцени како се паушални.
– Во дел од известувањето пишува дека се бара целосно спроведување на сите преостанати точки. Ако јас треба да го учам М-НАВ што е спроведено, а што не е спроведено, тогаш е навистина срамота. Многу добро знаат што реализирале, односно што не реализирале. Од сите девет точки што се во спогодбата, три се реализирани, шест се нереализирани точки. Самите директори нека земат во архивата, ако толку не се запознати, а не верувам дека станува збор дека не се запознати, ја знаат хронологијата и настаните – рече Тасевски и истакна дека синдикатот не отстапува од барањата и почитување на Спогодбата потпишана по најавениот штрајк во 2023 година и состанокот во Министерството за транспорт. Од Синдикатот минатата недела најавија дека ќе ја обжалат одлуката и ќе побараат овој предмет повторно да биде вратен на рочиште да може и синдикатот да ги приложи своите аргументи и одбрана.
Како причини за штрајкот, синдикатот наведе неисполнување на неколку нивни барања: исплата за ноќна работа, подобрување на условите за работа, запирање на партиски вработувања, нови огласи за стручен кадар и ангажирање независна агенција за анализа на потребите.
(С.Бл.)