Владимир Медински, поранешен руски министер за култура и помошник на рускиот претседател Владимир Путин, ќе ја предводи руската делегација на мировните преговори со Украина во Истанбул.
Се очекува средбата, прва од ваков вид по години директна конфронтација, да биде еден од клучните моменти во обидот да се најде дипломатско решение за конфликтот.
Владимир Медински, роден во 1970 година во градот Смела (тогашна Украинска ССР), дипломирал на Московскиот државен институт за меѓународни односи (МГИМО) и дел од студиите го поминал како практикант во Амбасадата на СССР во Вашингтон. Тој влезе во руската политика на почетокот на 2000-тите како пратеник во Државната дума, а подоцна, од 2012 до 2020 година, беше министер за култура.
Тој е познат по промовирањето на конзервативни и национални вредности, како и по застапувањето на посилен руски идентитет во културната политика.
Од 2020 година, тој ја извршува функцијата помошник на претседателот.
Медински, кој ќе ја предводи руската делегација на мировните преговори со Украина во Истанбул, не е почетник кога станува збор за дипломатски мисии во рамките на руско-украинскиот конфликт. Овој близок соработник на претседателот Владимир Путин беше шеф на руската делегација во 2022 година во првите обиди за запирање на војната преку дијалог.
Првите преговори се одржаа кон крајот на февруари и март 2022 година, само неколку дена по почетокот на руската инвазија на Украина. Медински ја предводеше руската страна во неколку рунди разговори, кои прво беа спроведени во Белорусија, а потоа во Истанбул, каде на 29 март беа постигнати првите знаци за можно приближување на ставовите.
Потоа Украина понуди да прифати воена неутралност и да не се стреми кон членство во НАТО, под услов да добие меѓународни безбедносни гаранции. Русија, од друга страна, бараше признавање на Крим како руска територија и суверенитет над делови од Донецк и Луганск контролирани од проруските сили. Иако Медински изјави дека „Украина ја покажа својата подготвеност да ги исполни клучните руски барања“, не беше постигнат конкретен договор.
Во 2017 година, независна комисија од руски научници собрани околу проектот „Дисернет“ го обвини Медински за плагијат на делови од неговата докторска дисертација по историја, како и за користење неакадемски извори, и дека неговата дисертација не ги исполнува научните стандарди.
Академскиот совет на Уралскиот федерален универзитет потоа препорача да му биде одземена титулата, но руското Министерство за образование одби да го спроведе тоа, со политичка заштита од Кремљ.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази подготвеност да се сретне со Путин во Турција, но нагласи дека ќе учествува во преговорите само доколку Путин се појави лично.
Во меѓувреме, САД објавија дека на преговорите ќе бидат присутни државниот секретар Марко Рубио и специјалните пратеници Стив Виткоф и Кит Келог.
Претседателот Доналд Трамп изјави дека размислува да присуствува, но дека ќе мора да ги пропушти разговорите меѓу Русија и Украина поради неговиот „зафатен распоред“.
Преговорите во Истанбул се потенцијално првата директна средба меѓу Путин и Зеленски од декември 2019 година, објави „б92“.