Балканската фолк-ѕвезда, 66-годишната и сè уште свежа и по стас и по глас, Ана Бекута, летниот одмор го поминува во малото егзотично место Котор на црногорскиот јадрански брег. Секако дека таму не е сама. Потврда за тоа се и неколку летни фотографии, не којзнае какви, но доволно добри за да може од нив да се донесе заклучок дека Бекута максимално ужива. Добро информираните градски озборувачи велат дека пејачката освен во летото, ужива и во животот заедно со нејзиниот, исто така, згоден врсник, „стариот џумбушлија“. Под претпоставка дека е тој некој од истоимениот македонски мегахит на Ана. Песната премиерно ја испеа пред триесетина години на македонскиот „Фолк-фест Валандово“, а потоа, можеме слободно да потврдиме, стана песна по која Бекута ја препознаваат како пејачка.Деновиве во Котор, каде и да се појави, по популарната Бекута сите се вртат и коментираат дека знае да ужива во овоземскиот живот. Без разлика на тоа што пред некоја година едвај се врати во тој, истиот живот, по трагичната смрт на нејзиниот многу саканиот љубовник Мрка.
Oва долго, топло лето им припаѓа само на неа и на „стариот џумбушлија“, засега недостапен за папараците. Секогаш знаеше да го крие приватниот живот. Но и покрај тоа, таа на папараците сега им дозволи да ја сликаат со длабоко деколте во еротичен летен фустан. Па, и понекогаш со шапка на главата. Додека Ана во таквата опуштена ситуација, насмеана, мокра, со виткана коса, со трендовски очила за сонце, си го прави ќефот, папараците и понатаму остануваат на мака. Меѓутоа, упорноста се исплаќа. Криенка-миженката нема уште долго да ѝ трае на освежената Ана Бекута. (Д.М.) фото:архива