Говорот за состојбата на нацијата што претседателот на САД, Доналд Трамп, го одржа синоќа е резултат на работата на двајца луѓе кои повеќе од 10 години помагаат во обликувањето на неговата политичка порака.
Според три лица запознаени со внатрешното работење на Белата куќа, на кои им е загарантирана анонимност да зборуваат за тоа, тоа се Рос Вортингтон и Винс Хејли, пишува Политико.
Вортингтон, кој го предводи тимот за пишување говори на Трамп, е главен архитект и главен автор на обраќањето. Хејли, директор на Советот за внатрешна политика, имаше клучна улога во советувањето околу политичките делови – особено за новите политички иницијативи.
И покрај неговата тенденција да „отстапува“ од сценариото, Трамп го пофали нивното партнерство, нарекувајќи го Хејли „неверојатен во политиката“.
„Тие пишуваат навистина одлични говори“, рече тој за време на празничниот прием во Белата куќа во декември, „и само би сакал да можам да се држам до нив малку почесто. Но, понекогаш отстапуваме од тие говори, нели?“
Дуото беше вклучено и во најновата кампања на Трамп, пишувајќи го секој негов говор и создавајќи ги видеата што Трамп ги објави на веб-страницата на неговата кампања.
Хејли помина часови со претседателот на „Трамп Форс Уан“, работејќи на говори, а повремено одеше во Капитол Хил за да се координира со пратениците за политички прашања, според четвртото лице кое патувало во авионот, кое исто така зборуваше под услов да остане анонимно.
Партнерството Вортингтон-Хејли датира од првата администрација на Трамп, кога двајцата работеа под тогашниот висок советник Стивен Милер и заедно го управуваа тимот за пишување говори на Белата куќа.
Пред Трамп, двајцата доаѓаа од кругот на поранешниот претседател на Претставничкиот дом Њут Гингрич.
Хејли, адвокат по професија, беше директор за политика, а подоцна и менаџер на кампањата за претседателската кандидатура на Гингрич во 2012 година. Двајцата напишаа неколку книги заедно, а Хејли беше придружен продуцент на документарецот на Гингрич, „Роналд Реган: Средба со судбината“.
Вортингтон беше заменик-директор за комуникации за кампањата на Гингрич во 2012 година.












