Светската куќа на фудбалот (ФИФА) се најде под силен притисок по новите информации околу укинувањето на автоматската суспензија на американскиот репрезентативец Фоларин Балогун. Според објавите во јавноста, одлуката не била донесена од дисциплинскиот одбор, туку единствено од неговиот претседател, Мохамед Ал Камали.

Наводно, останатите 17 членови на одборот воопшто не биле консултирани, што отвори сериозни сомнежи за транспарентноста и начинот на кој се носат одлуките во ФИФА.

Балогун доби директен црвен картон против Босна и Херцеговина по остар старт врз Тарик Мухаремовиќ и според правилата требаше автоматски да го пропушти следниот натпревар. Сепак, суспензијата беше поништена, па американскиот напаѓач настапи против Белгија, иако САД беа убедливо поразени со 4:1.

ФИФА засега не се огласи со официјално објаснување, а целиот случај предизвика бројни реакции во фудбалската јавност.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи и во дел од медиумите се појавија шпекулации дека зад одлуката стоел политички притисок и блиските односи меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино. Сепак, за ваквите тврдења досега не се презентирани докази и тие не се официјално потврдени. Доколку ФИФА не понуди јасно објаснување, контроверзиите околу случајот сигурно ќе продолжат.

ИЗДВОЕНИ