Немесио Рубен Осгера Сервантес, познат како Ел Менчо, е роден во 1966 година во руралниот Халиско, во сиромашно семејство со многу деца.
Како млад човек, тој отишол во Соединетите Држави, каде што бил уапсен за трговија со дрога, а подоцна депортиран во Мексико. По враќањето, се приклучил на картелот Миленио, регионална криминална организација поврзана со картелот Синалоа на Хоакин Ел Чапо Гузман.
По апсењето на водачот на картелот Миленио, Оскар Валенсија, познат како Ел Лобо, структурата се распаднала. Осгера бил дел од фракција која се отцепила и го формирала картелот „Нова генерација Халиско“ (CJNG) околу 2010 година.
Ел Менчо станал негов неоспорен лидер и започнал отворена војна против соперничките групи, вклучувајќи ги и фракциите поврзани со картелот Синалоа на Ел Чапо. Иако во раните фази имало тактички врски со структури блиски до Синалоа, CJNG наскоро станал еден од неговите главни конкуренти.
Побрутален од Ел Чапо
За разлика од Ел Чапо, кој со децении беше симбол на мексиканското нарко-подземје, Ел Менчо претставуваше нова генерација – побрутална и милитаризирана. Под негово водство, CJNG стана познат по нападите врз војската, соборувањето хеликоптери, користењето беспилотни летала со експлозиви и масовни блокади на градови, според мексиканските и американските медиуми.
До средината на 2010-тите, тој се сметаше за еден од најмоќните криминални водачи во Мексико, со мрежа што се прошири низ целата земја и на пазарот на Соединетите Држави.
Картел познат по екстремно насилство
Картелот стана познат по екстремно насилство, напади врз полицијата и војската, користењето тешко оружје, беспилотни летала со експлозиви и блокадите на градовите со палење возила, според американските медиуми.
CJNG се прошири на трговија со кокаин, метамфетамини и особено фентанил на американскиот пазар, со милијарди приходи.
Денес, во мексиканската држава Халиско избувна војна меѓу нарко-картелите и војската поради убиството на Ел Менчо, до тој степен што бандитите го нападнаа аеродромот и се заканија дека ќе убијат секој, виновен или невин, кој ќе биде надвор по 14 часот (21 часот по централноевропско време).
Во текот на денот се појавија непотврдени извештаи за запалени автомобили и вооружени лица на улиците на Халиско и други делови од земјата.
Поради новонастанатата ситуација, американскиот Стејт департмент издаде предупредување за американските граѓани во државите Халиско и Тамаулипас и делови од државите Мичоакан, Гереро и Нуево Леон, советувајќи ги да останат во засолништа.
Американските власти претходно понудија награда од 15 милиони долари за информации што ќе доведат до негово апсење. Тој се сметаше за еден од најмоќните и најбараните нарко-босови во светот, пренесе „Курир“.












