Партиско соопштение од владејачаката ВМРО ДПМНЕ во кое се коментира условната казна изречена во пресудата на Основниот кривичен суд за докторката Мери Пешевска предизвика дискусија во јавноста, прво, дали ваквата пресуда ќе ја задоволи правдата, и второ, дали квалификациите од типот скандалозна судска одлука, кои партија од позиција на власт ги препишува на судија, не го подриваат начелото на независност и непристрасност во одлучувањето или популарно кажано мешање во судството.
ВМРО ДПМНЕ напишаа на својата интренет страница, дека правосудниот систем никако не е расположен да донесе пресуда во корист на граѓаните, алудирајќи на таа за онкологот Мери Пешевска која призна вина за несовесно лекување на пациентите болни од рак.
-За делото за кое се товари Пешевска предвидена е казна затвор до три години. Пешевска призна вина, а Судот со леснотија и изрече условна казна две година. Во превод тоа значи таа само не треба да стори друго кривично дело во период од две години, односно слободна е. Докторката само призна вина, а Судот со леснотија речиси ја ослободи?! Скандалозната одлука на надлежниот Суд говори за неправедна, произволна или заснована на надворешни влијанија одлука, влијанија евидентни подолг период. Или Судот не постапува на основа на закон и факти. Судството со ова покажува дека е само маша на Венко Филипче и СДСМ. Ова судство само ја поткопува јавната доверба во правосудниот систем и претставува сериозно кршење на принципите на правдата, еднаквоста и владеењето на правото, искоментираа од владејачката партија.
Премиерот Христијан Мицксоки го искористи новинарското прашање за време на посетата на Штип, како ја коментира пресудата за Мери Пешевска, за уште еднаш да повтори дека судиите и обвинителите не јза заслужуваат платата што ја зимаат.
– Секогаш кога ќе зборуваат зошто доцниме во носењето на законите кои што значат реформа во судството и обвинителството, во суштина сакам јавноста да знае дека станува збор за 6 закони, каде што основната суштина е зголемување на буџетот, кој што ќе иницира зголемување на платите на судиите и обвинителите кои што имаат рејтинг од два проценти. За судиите се бара 0.8% од БДП и секогаш чувствувам некаква мачнина бидејќи и овие плати што ги зимаат не ги заслужуваат имајќи ги предвид ваквите судски одлуки како за Онкологија. Сите оние т.н експерти кои ја критикуваат Владата за застој, ова е суштинската реформа, како да се зголеми буџетот на судовите и обвинителствата што е два до три пати повеќе, и три пати нека е, да ги заслужат, ама не ги заслужуваат, изјави Мицкоски
Кривичниот суд ја огласи за виновна обвинетата Пешевска во понеделникот на јавна седница за објава на пресудата. Условната казна судијката Снежана Марковска ја образложи, меѓудругото и поради нејзиното признание на вина и каење. Обвинетата се бранеше дека печатот го оставала на шалтер да го користат и други доктори со цел пациентите да добијат терапија на време. Делото, кажа Пешевска го сторила од небрежност, не очекувајќи дека некои колеги ќе го злоупотребат.
Од Кривичниот суд ни кажаа дека прашањата во јавноста поврзани со пресудата за обвинета во случајот „Онкологија“, да ги упатиме до Судскиот совет кој според нив е надлежен за обезбедување и гарантирање на самостојноста и независноста на судската власт преку остварување на своите функции. Претседателот на Здружението на судии, судијата Иван Џолев, во куса порака прво ни напиша оти нема да коментираат доколку повиканиот суд не излезе со став, за по некое време, Здружението испрати реакција во која стои дека „Основно правно начело согласно домашните и меѓународните правни стандарди е да не се коментира неправосилна судска одлука, се со цел да не се влијае на понатамошната судска постапка и одлучување на повисок степен“.
Од Судскиот совет до затворање на весникот немаше реакција на премиерската изјава и партискиот коментар за пресудата на Кривичниот суд.
– Судовите треба да бидат потранспарентни и екстензивно да комуницираат со јавноста, со колку повеќе информации излезат во јавноста, толку повеќе се стеснува просторот за шпекулации и коментирања. Јавноста често се раководи со кажувањата на политичарите и невладиниот сектор, без да се информира од повеќе страни, апелира Дарко Аврамовски од Коалицијата за правично судење за весникот ВЕЧЕР.
Реакција стигна од опозицијата. Го обвини Мицкоски за манипулации со јавноста.
– Денес тој зборува за “мачнина” од платите на судиите и обвинителите, а вистината е дека граѓаните чувствуваат мачнина од неговата неспособност и лицемерие. Мицкоски дури и одби заедно со СДСМ да ги донесе неопходните реформски закони, со што јасно покажа дека нема никаква намера да спроведе реформи во судството. Тој сака судство заробено во неговиот партиски систем, а не независно и праведно. СДСМ потсетува: без вистински реформи и независни институции нема правда за граѓаните. Мицкоски една година ја потроши во политички пазарења и кадровски комбинации, додека судството го држи во заложништво на ВМРО-ДПМНЕ, обвинија од СДСМ.
Аврамовски од Коалицијата Сите за правично судење вели пресудите може и треба да се коменираат во јавноста, но не кога коментарите доаѓа од партиски говорници или уште повеќе кога коментираат носителите на јавни функции. „Да не дојде до ситуација каде што ќе се преиначи санкцијата, а да биде прецепирано во јавноста дека тоа е поради политички мешања, предупредува тој.
-Повисокиот суд може да одлучи поинаку, на пример може да ја зголеми казната, во таква ситуација вие како обвинето лице со право ќе можете да кажете дека објективно гледано, не била донесена независна и непристрасна одлука, бидејќи тоа било донесено под политички притисок или заради притисоци од извршната власт, така што носителите на јавни функции мора да бидат повнимателни кога го критикуваат судството, а особено треба да се воздржуваат од коментирање на одлуки за некои специфични предмети, апелира Аврамовски од КСПС.
По повод политичките коментари по пресудата за обвинетата докторка во случајот Онкологија, од Обвинителството информираат дека ќе ја обжалат висината на санкцијата, а по неа ќе одлучуваат судии од скопска апелација, однсоно второ степениот суд. Од ОЈО велат дека признанието на вина и осудителната пресуда изречена за една од обвинетите во предметот “Онкологија” е потврда за основаноста на наводите во обвинението. (П.А.)