Транспортната инфраструктура беше во фокусот на Третиот македонски конгрес за патишта 2025, кој се одржа на почетокот од овој месец, во Скопје и кој со темите на кои дискутираа еминентни градежни експерти и професори побуди голем интерес кај македонските и кај странските компании што работат во градежната индустрија.

– По сумирањето на впечатоците од Конгресот, на членовите на Друштвото за патишта, вработените и менаџментот во ЈП за државни патишта, како и на ресорното Министерство за транспорт, ќе им претстои период на анализа.  Потребни ни се реална процена на состојбата во нашето градежништво и спроведување на новите сознанија, со цел да ги дефинираме насоките за идниот развој на македонското градежништво во делот на патиштата – вели претседателот на Друштвото за патишта, професорот на Градежниот факултет, Горан Мијоски

Во регионот, во тек се значајни инвестиции во областа на патната инфраструктура, а особено голем е инвестицискиот циклус во Македонија од неколку милијарди евра, изразен преку изградба на неколку автопатски делници, експресни и регионални патишта, како и изградбата на пругата кон Бугарија на Коридорот 8, но и најавата за започнување на брзата пруга на Коридорот 10.

Токму транспортната инфраструктура беше во фокусот на Третиот македонски конгрес за патишта 2025, кој се одржа на почетокот од овој месец, во Скопје и кој со темите на кои дискутираа еминентни градежни експерти и професори побуди голем интерес кај македонските и кај странските компании што работат во градежната индустрија.

Претседателот на Друштвото за патишта на Македонија, професор д-р Горан Мијоски од Градежниот факултет во Скопје, го оцени Конгресот како исклучителен настан и место за размена на научни и стручни сознанија, идеи и искуства меѓу инженерите, истражувачите, претставниците на државните институции и градежните компании, со заедничка цел: создавање подобра, побезбедна и поодржлива патна мрежа.

– Изградбата на патиштата, како и управувањето и одржувањето со нив, а, секако, и на постојната патна мрежа, претставува исклучително комплексна инженерско- економска задача. Оваа исклучително одговорна задача, која е поставена пред сегашната генерација градежни инженери по патишта, бара квалитетно планирање, проектирање и градење, базирано на најновите научно-стручни сознанија, користење современи материјали и технологии, како и соодветна контрола. Според коментарите од присутните и задоволството со кое говореа на оваа тема, ценам дека ја постигнавме целта – вели Мијоски за весникот ВЕЧЕР.

Проф. Горан Мијоски

Оттука произлегоа и неколку заклучоци со чија реализација, како што нагласува професорот Мијоски, ќе може да се дадат соодветни одговори на современите барања не само во постојниот инвестициски циклус во патоградбата туку и во современите тенденции во образовниот процес.

– Беше препознаено градежништвото како еден од најмоќните запчаници што може да ја повлечат македонската економија нанапред, со оглед на фактот што градежништвото врзува околу 30 стопански гранки и токму затоа тоа може да биде главен генератор на позитивните економски промени. Исто така, во денешни услови, со интензивирање на глобализациските движења, современите патишта добиваат уште повеќе на значење и може да придонесат за побрз развој и интеграција на државата – вели Мијоски.

Освен изградба на нови патишта, тој смета дека Македонија треба вниманието да го насочи вниманието и кон веќе изградените патишта, како капитал со кој веќе располагаме, во смисла на нивно квалитетно и современо управување и одржување.

– Исклучително е важно да се потенцира дека без финансирање и соодветна поддршка за промени и напредок во високото образование и науката, сето ова ќе биде отежнато, можеби и невозможно да се реализира. Ваков голем инвестициски циклус во патиштата мора да биде поткрепен со современа и соодветна визија за подобрување на квалитетот на образовниот процес, а, пред сè, со опремување на лабораториите на Градежниот факултет во Скопје, што ќе резултира со подобар квалитет на изградените патиштата и создавање врвен стручен кадар – потенцира професорот.

Мијоски заклучува дека, по завршувањето на Конгресот и сумирањето на впечатоците од него, на членовите на Друштвото за патишта на Република Македонија, вработените и менаџментот во ЈП за државни патишта, како и на ресорното Министерство за транспорт, ќе им претстои период на анализа.

– Потребни ни се реална процена на состојбата во нашето градежништво и спроведување на новите сознанија, со цел да ги дефинираме насоките за идниот развој на македонското градежништво во делот на патиштата – заклучи професорот Мијоски.

Весникот ВЕЧЕР доби бронзена плакета од Друштвото за патишта

Весникот ВЕЧЕР известуваше од претходните два конгреса на Друштвото за патишта, а на Третиот беше и медиумски покровител. Од страна на Друштвото за патишта, на весникот ВЕЧЕР му беше доделено специјално признание – бронзена плакета за придонес во афирмацијата на ДПМ и неговата научна работа.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ