Кои 17 играчи имаат клаузула за „Златна топка“ во своите договори?

49
epaselect epa12398758 Paris Saint-Germain's player Ousmane Dembele poses with the Men's Ballon d'Or trophy during the Ballon d'Or 2025 ceremony at the Theatre du Chatelet in Paris, France, 22 September 2025. EPA/Mohammed Badra

Се чини дека новиот тренд во светскиот фудбал е вклучување на бонусите за „Златната топка“ во договорите и трансферите. Иако изгледа како современ феномен, оваа практика се случува со години, а некои примери се повеќе од интересни.

1.Ентони Марсијал – Манчестер Јунајтед

Кога Манчестер Јунајтед го доведе тогашниот 19-годишен Ентони Марсијал од Монако во 2015 година, се зборуваше за трансфер што ќе го промени пазарот. Цената беше 36 милиони фунти, што беше рекорд за тинејџер во тоа време.

Сепак, Монако вклучи и специјални бонуси од 7,2 милиони фунти во три можни случаи: ако Марсијал постигне 25 гола во Премиер лигата (што го направи), ако одигра 30 натпревари за Франција (не успеа) и ако ја освои „Златната топка“ (ни блиску).

Јунајтед на крајот го исплати само првиот бонус. Кариерата на Марсијал на „Олд Трафорд“ беше сè друго освен совршена – започна спектакуларно, но заврши со серија повреди и губење на самодовербата. По епизодите во Севиља и АЕК (9 гола на 24 натпревари), тој моментално игра за Монтереј во Мексико.

2.Анхел Ди Марија – Манчестер Јунајтед

Уште еден „ѓаволски“ случај. Ди Марија пристигна од Реал (М) во 2014 година за 60 милиони фунти, што тогаш беше рекорд во англискиот фудбал.

Според „Телеграф“, Јунајтед ќе му исплатеше на Реал дополнителни 4 милиони фунти доколку Аргентинецот ја освоеше „Златната топка“. Идејата беше едноставна: доколку Ди Марија ја освои „Златната топка“, тимот сигурно ќе има феноменална сезона.

Но, ништо не одеше според планот. Во ригидниот систем на Луј ван Гал, Ди Марија не можеше да ја најде слободата да игра. Покрај тоа, неговото семејство не се вклопуваше во Манчестер, а провалата во семејниот дом беше пресвртна точка. По само една сезона, тој ги спакува куферите и замина во ПСЖ, за 12 милиони евра помалку.

3.Бруно Фернандеш – Манчестер Јунајтед

Секако, повторно Јунајтед. Кога Бруно Фернандеш пристигна од Спортинг во 2020 година, трансферот вредеше 55 милиони евра плус уште 25 милиони евра во бонуси.

Од тие 25 милиони евра, 15 милиони евра беа поврзани со индивидуални награди од 5 милиони евра за секој пат кога ќе завршеше меѓу првите 3 во изборот за „Златната топка“ или ќе ја освои наградата за играч на годината во Премиер лигата. Досега, ниту една фунта не е потрошена во таа насока.

4.Кристијано Роналдо – Манчестер Јунајтед (втор пат)

Кога Роналдо се врати на „Олд Трафорд“ во 2021 година, неговиот договор вклучуваше три потенцијални бонуси од 1 милион фунти доколку Јунајтед ја освои Лигата на шампионите, доколку ја освои „Златната топка“ и доколку биде прогласен за играч на годината од УЕФА.

Ништо од тоа не се случи. Враќањето заврши со разочарување – лоша атмосфера во соблекувалната, фрустрации и раскинување на договорот на средина од сезоната.

5.Андре Гомес – Барселона

Кога размислуваме за Андре Гомес во Барселона, најмногу се сеќаваме колку се мачеше. Кога пристигна од Валенсија во 2016 година, Барса плати 35 милиони евра, со потенцијални 20 во бонуси. Но, имаше и посебна „златна“ клаузула: 15 милиони ако ја освои „Златната топка“.

Секако, таа клаузула остана чиста теорија. Гомес не се вклопи во стилот на игра на Барселона, а јавниот притисок беше огромен. Подоцна, тој отворено зборуваше за вознемиреноста и губењето на самодовербата. На крајот, заврши во Евертон, за 25 милиони евра, со само три гола и четири асистенции во дресот на каталонскиот гигант.

6.Неимар – Барселона

Една од ретките „успешни“ клаузули за „Златната топка“. Кога Нејмар пристигна од Сантос, договорот вклучуваше бонус од два милиони евра ако барем еднаш заврши меѓу првите 3 за „Златната топка“. Тоа се случи во 2015 година.

Сепак, дури и тој бонус не беше без драма – Барселона доцнеше со плаќањето, Сантос го пријави случајот во ФИФА, а сè беше дополнително комплицирано со правни спорови околу трансферот.

Дополнително, наводно, „Најк“ му ветил на Неимар дополнителни 1 милион евра ако ја освои „Златната топка“.

7.Тијаго Алкантара – Ливерпул

Кога се приклучи на Ливерпул од Баерн (М) во 2020 година, договорот вредеше 20 милиони евра плус 6 милиони евра бонуси. Иако деталите не беа откриени, бројни извештаи тврдат дека еден од тие бонуси бил поврзан со „Златната топка“.

8.Мохамед Салах – Ливерпул

Ова спаѓа во категоријата „урбана легенда“. Според „Дон Балон“, Салах наводно вметнал клаузула во својот договор што ќе му овозможи да побара трансфер во Реал (М) или Барселона ако не ја освои „Златната топка“ во одреден период. Реал и Барселона, се разбира, никогаш не потврдија дека знаат нешто за тоа.

9.Килијан Мбапе – ПСЖ

Француските медиуми објавија во 2018 година дека Мбапе автоматски ќе стане најплатен играч на ПСЖ ако ја освои „Златната топка“. Пет години подоцна, тој стана најплатен играч без неа.

10.Николо Заниоло – Галатасарај

За разлика од многумина, оваа клаузула е официјално потврдена. Претседателот на Галатасарај призна дека Рома ќе добие дополнителен бонус ако Заниоло ја освои „Златната топка“. Сепак, Италијанецот одигра само 16 натпревари за клубот и брзо замина, прво во Астон Вила, потоа во Аталанта и Фиорентина.

11.Матеус Франса – Кристал Палас

Кристал Палас ја изненади Англија во 2023 година со потпишувањето на бразилската надеж Матеус Франса од Фламенго за 26 милиони фунти. Фламенго, сепак, вклучи и бонус од 5 милиони евра во договорот – доколку младиот играч некогаш биде номиниран за „Златната топка“.

12.Естевао – Челзи

Нов бразилски бисер во Челзи. Фабрицио Романо откри дека Палмеирас има право на дополнителен бонус ако Естевао ја освои „Златната топка“ до 2033 година.

13.Витор Роке – Барселона

Атлетико Параненсе додаде бонус од 5 милиони евра за „Златната топка“ кога Роке пристигна во Барселона во 2024 година. Само една година подоцна – тој беше продаден назад во Бразил за 25 милиони евра. Бонусот, се разбира, остана неискористен.

14.Тиџани Рејндерс – Манчестер Сити

Според британските медиуми, неговиот трансфер од Милан во Сити вредел 58 милиони евра, со можни 14 милиони евра во бонуси. Една од нив – два милиони евра – се активира ако Рејндерс ја освои „Златната топка“.

15.Виктор Џокереш – Арсенал

Слична приказна како и кај Рејндерс. Арсенал би можел да му плати на Спортинг дополнителни пет милиони евра ако шведскиот напаѓач еден ден ја подигне „Златната топка“.

16.Ламин Јамал – Барселона

Со Јамал, едноставно е – кога имаш 17 години и веќе играш како ветеран, клаузулата за „Златната топка“ станува речиси стандардна.

17.Осман Дембеле – ПСЖ

Според „Л’Екип“, Дембеле значитело ја зголемил својата плата затоа што е исполнета клаузулата во неговиот договор, освојување на „Златната топка“.

Фудбалот можеби се промени, но сонот за „Златната топка“ останува ист. И за многу клубови – тоа е повеќе од сон, тоа е инвестиција во надеж дека нивниот играч еден ден ќе стане најдобар во светот.

ИЗДВОЕНИ