Мегаскандал ја тресе Словенија, а во центарот на вниманието е тренерот по џудо, Марјан Фабјан, кој наводно сексуално ги злоупотребувал и физички и психички ги малтретирал џудистките.
Словенечките весници, повикувајќи се на неименувана натпреварувачка, наведуваат дека шлаканиците, удирањето со бамбусов стап, клоцањето, викањето, навредите, психолошката манипулација и другите злоупотреби на авторитет биле составен дел од тренинзите. Најсериозното обвинение е дека легендарниот тренер наводно ги допрел гениталиите на една од натпреварувачките додека ја прегледувал нејзината повреда, а една од нив изнесе уште посериозни работи од мрачното минато на познатиот тренер по џудо.
Сега неколку поранешни спортистки се придружија на тужбата против Фабјан. Тие ги контактираа луѓето во Џудо федерацијата на Словенија, од каде велат дека се запознаени со истрагата што се води против еден од тренерите, но додаваат дека здружението нема надлежност ниту влијание врз работата на полицијата и судските органи, па затоа нема да се огласуваат додека случајот конечно не се заврши, а воедно ветуваат дека ќе соработуваат со сите надлежни институции.
Во минатото, Фабјан беше познат по своите неконвенционални методи на тренинг, силни зафати и работа.
- Категорично отфрлам секаков вид сексуално насилство и сексуална злоупотреба, изјави Фабјан за СТА.
Во сите негови години во џудото, Фабјан тврди дека имало некои симпатии и партнерства: „Мојата сопруга е исто така поранешен натпреварувач во џудо“.
- Џудото не ми е хоби. Секој изговорен збор и сè што направивме беше поврзано со резултатот, рече Фабјан, негирајќи дека претерал со методите на тренирање.
Засега, разбирливо е што сите поранешни спортистки ги дадоа своите изјави анонимно.
- Кога освоив медал на европско ниво, пред сите, ме удри по главата од разочарување. Кога помисли дека тренингот не оди како што замислувал, ме претепа, рече, меѓу другото, поранешната џудистка, на која сето ова ѝ се случило додека била сè уште малолетна.
- Слепо му верував и ги следев неговите брутални методи на тренирање. Меѓутоа, околу пубертетот сфатив дека тренерот имал други намери со мене. Сè започна кога ми рече дека ќе ме измасира по повредата и почна да ме допира до интимните делови. Се вкочанив. Кога забележав дека повеќе не носам гаќички, тој веќе беше во мене… Пред да се разделиме, морав да посегнам по неговата рака, да го погледнам во очи и да ветам дека нема да кажам никому, рече поранешната џудистка.