Кога плачат телото и душата за одмор, спасот е Росе!

287

Во ова место на северозападниот брег на полуостровот Луштица нема адреналински спортови и метеж како во другите црногорски туристички места, нема журки со познати диџеи, нема забави со пена, нема клубови во кои гостуваат познати музички ѕвезди, а нема ниту лежалки и чадори за сонце набиени едни до други. Нема дури ни продавница. Во Росе, телото и душата одмораат, активни се само сетилата. Таму се исполнуваат соништата на оние кои сакаат да уживаат во мир, на кои им е доволно да ја гледаат и да се капат во тиркизната вода на заливот надалеку познат по својата убавина, да го впиваат уникатниот амбиент што го создаваат старите бели камени куќи вткаени во зеленило од чемпреси, борови, маслинови дрвја, но и во можноста да испијат кафе или да ручаат на само чекор-два од морето, без некој да им ја попречува глетката 

 

Кога плачат телото и душата за одмор, тука е Росе. Тој мал скриен рај што тешко се наоѓа на црногорската туристичка мапа, важи за идеално место за бегство од градските метеж и бучава.

Росе е минијатурно место во Бока Которска, вгнездено во северозападниот брег на полуостровот Луштица. Има море, има убави плажи, има луксузен скап хотел и приватно сместување со пристојни цени, неколку кафулиња и ресторани. Нема адреналински спортови и метеж како во другите црногорски туристички места, нема журки со познати диџеи, нема забави со пена, нема клубови во кои гостуваат познати музички ѕвезди, а нема ниту лежалки и чадори за сонце набиени едни до други. Нема дури ни продавница. Во Росе, телото и душата одмораат, активни се само сетилата. Таму се исполнуваат соништата на оние кои сакаат да уживаат во мир, на кои им е доволно да ја гледаат и да се капат во тиркизната вода на заливот надалеку познат по својата убавина, да го впиваат уникатниот амбиент што го создаваат старите бели камени куќи вткаени во зеленило од чемпреси, борови, маслинови дрвја, но и во можноста да испијат кафе или да ручаат на само чекор-два од морето, без некој да им ја попречува глетката. Росе има дискретен шарм што го создаваат едното поплочено шеталиште, поточно улица од неколку стотини метри, неколкуте тесни скалести сокачиња меѓу куќите, ширината што наликува на плоштад, едната православна црква – „Света Троица“, едната римокатоличка – „Госпа од Кармела“… и фантастичниот поглед на Херцег Нови, распослан од другата страна на заливот.

Сега, во Росе живеат едвај десетина луѓе, а во сезона во него одмораат стотина туристи. Ова место го знаат мал број Балканци и Европејци. До него наједноставно се доаѓа со бротче од Херцег Нови. Патувањето трае десетина минути, а глетката кон заливот е празник за очите. Има и копнен пат што води низ неколку села, па продолжува низ пустелија. Асфалтиран е, но е стар, тесен, истрошен и кривулест, па за да се разминат две возила, едното треба да се потргне настрана и да застане. Клацкањето по овој пат станува прекрасно кога ќе се дојде до уредените видиковци, од каде што има волшебен поглед кон тој дел од Бококоторскиот Залив, сè до полуостровот Превлака, кој ги дели Црна Гора и Хрватска. Панорамата е магична и едноставно мора да се овековечи на фотографија.

И без разлика по кој пат ќе се стигне, уште на првиот чекор во Росе се чувствуваат опуштеност и мир, а времето почнува да тече побавно. На самиот влез има една плажа на која не се наплаќаат лежалки и има уште една внатре, каде што е слободен влезот, иако е дел од имотот на познат српски тајкун, чија огромна камена куќа со убаво уреден огромен двор и со голф-терен доминира на брдото. Росе има и плажа на која за лежалки и за чадор за сонце треба да се платат 70 евра. Па, кој како сака. Има избор.

Росе е толку мало што може цело да се пропешачи за помалку од половина час. Но, има што да се види, па затоа најдобро е да се консумира полека, чекор по чекор, за да се заситат сите сетила, за да се впијат мирот што владее во секое време и убавината распослана наоколу: во сарделите и во нарцисите, кои бујно цветаат и во декември, во старите маслинови дрвја, во боровите, во морето на чие дно се гледа секое камче, во планините со кои е опкружено, во белите куќи издигнати каскадно на брдото. Росе има и тврдина која датира од 19 век и во која е сместен луксузниот хотел „Форте“, на чиј влез е поставен стар топ. Има и видиковец наречен „Тераса од љубов“, од каде што се простира восхитувачка глетка кон заливот, сè до спротивниот брег, до Херцег Нови. Росе е особен предизвик за љубителите на нуркањето, зашто на дното од морето се кријат многу потопени бродови.

Во врска со ова место, Црногорците имаат неколку дилеми. Една е дали зборот „Росе“ е еднина или множина. Другата е дали е старо рибарско село или е место во кое живееле богати луѓе. На самиот влез пишува дека е амбиентална целина, додека староседелците многу се лутат кога ќе го чујат зборот „село“. Тие се категорични: Росе е капетанско и учителско место во кое живееле господа. А дилемата се расчистува едноставно, само со еден поглед кон камените куќи на брегот, изградени пред стотици години. Тие ги демантираат сите што ќе кажат дека Росе е мало рибарско село, зашто според грандиозноста и изгледот може да се споредат со палати, во кои тешко би се поверувало дека живееле сиромашни рибари. А за тоа какви се Росе и куќите во него сведочи оглас објавен деновиве, преку кој една се продава за 1,8 милиони евра!

Росе има долга историја и се смета за една од најстарите населби на црногорскиот брег. Таму некогаш била старата грчка населба Порто Росе, која ја разрушиле Сарацените во деветтиот век, а ја докрајчиле земјотресите. Росе е првото место на влезот на заливот, од каде што доаѓале корабите со храна. Затоа, во текот на Австро-Унгарија, таму имало царина. Низ вековите, Росе било важно трговско и поморско средиште. Грците, Римјаните, Млетците и Османлиите оставиле траги во неговите архитектура и култура, додека  Венецијанците дополнително го утврдиле. Италијанската морнарица, во текот на Втората светска војна, во Росе имала бункер за подморници, кој постои и денеска, но не е во употреба. Денешното Росе е градено, главно, во 17 и 18 век, во златното време на морепловството во Бока.

(С.В.)

ИЗДВОЕНИ