Секоја година се повторува истото сценарио: општините навреме не ги чистат каналите и водотеците, а кога ќе заврне дожд, реагираат како да се соочуваат со природна непогода без преседан. Наместо системска превенција, следуваат задоцнети интервенции и кризен ПР, а штетите веќе се направени. Последниот пример од Струмичкиот Регион, со поплавени површини и удавени животни, уште еднаш ја покажува институционалната негрижа. Граѓаните со право прашуваат зошто излегуваат машините на терен по поплавите, а не пред дождовите. Ова повеќе не е прашање на временски услови, туку на одговорност

Секој посилен дожд во Македонија веќе одамна не е само временска појава туку и аларм за нефункционалноста на локалната власт. Наместо навремено превентивно постапување, општините повторно се затечени, а последиците ги плаќаат граѓаните, земјоделците и сточарите.
Последниот најсвеж и најтрагичен пример доаѓа од Струмичкиот Регион, каде што по обилен, но не и екстремен дожд, дојде до излевање на реките и каналите и има поплавување на земјоделските површини. Во надојдената вода беа удавени овци и кози, беше нанесена материјална штета, а надлежните повторно излегоа на терен – кога веќе беше доцна.
Локалните власти информираа дека реагираат на терен. Градоначалникот Петар Јанков соопшти дека ги посетил критичните точки во селото Муртино и околината, каде што, како што вели, се ангажирани екипи и механизација на ЈП „Комуналец“.
– Дејството на циклонот што го зафати Југоисточниот Регион придонесе за обилни врнежи од дожд, надоаѓање на водата, излевање од коритата и поплави. Нашата механизација и екипите остануваат на терен на сите локации каде што е проценета состојбата како критична. Ќе паѓа дожд и во наредните денови и будно ќе ја следиме состојбата – изјави Јанков.
Од ЦУК, пак, информираа дека за интервенција на критичните точки биле ангажирани пет булдожери, пет камиони со песок и еден багер, со цел да се спречи дополнително ширење на поплавите. Граѓаните со право прашуваат каде биле институциите пред дождот.
– Неверојатно, ама вистинито. Повторно заврна дожд, кој не беше ниту преобилен, а повторно поплави, штети, лелекање, излегување на терен на надлежните – ќе скршат џам – реагира Марјан Велевски во фејсбук статус.

Според него, сценариото е исто секоја година: не се исчистени одводните канали, не се регулирани речните корита, не се расчистени потоците.
– Сликата е иста низ цела Македонија. Денес е Струмица, утре ќе биде друг регион. Нема разлика – вели Велевски.
И навистина, проблемот одамна не е локален, туку системски. Чистењето и одржувањето на каналите и водотеците е законска обврска на општините, но во практика, често се игнорира таа обврска сè додека не се случи катастрофа. Наместо превенција – следува импровизација. Наместо план – кризен ПР.
– Цела година надлежните дремат, пијат пиво пред кооперација и расправаат светска политика. Багерите ги чуваат во гаража, како кубур за „не дај Боже“ – иронично забележува Велевски, пренесувајќи го чувството на немоќ и гнев кај локалното население.
Реакциите на граѓаните на социјалните мрежи се во сличен тон: револт, разочараност и чувство дека секоја година плаќаат даноци за институции што реагираат само кога веќе е направена штетата. Многумина бараат одговорност, а не нови ветувања и поставуваат логично прашање зошто излегуваат машините на терен по поплавите, а не пред дождовите.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека и утре повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. В петок и в недела ќе преовладува претежно облачно време, со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег, а в сабота и в понеделник ќе биде променливо облачно.
Поплавите што ги гледаме не се резултат само на климатските промени. Тие се резултат и на негрижа, неажурност и на отсуство на долгорочно планирање. Додека општините продолжуваат да доцнат со своите обврски, секој дожд останува потенцијална закана. Прашањето што останува да виси во воздух е истото што го поставуваат граѓаните со години: „Ќе се освестиме ли некогаш или ќе го чекаме следниот дожд за повторно да се чудиме?“
(С. Бл.)












