Кога мажот конечно реши да оди на лекар-системот му вели: почекај!

МОВЕМБЕР - ВРЕМЕ Е ЈАВНО ДА СЕ ПРОГОВОРИ ЗА МАШКОТО ЗДРАВЈЕ

140

Мажите, за разлика од жените, тешко се одлучуваат да одат на лекар, особено на превентивни прегледи, а забораваат да прават и самопрегледи. Ретко кој маж оди на лекар ако нема тегоби. Токму поради тоа, „Мовембер“ е едномесечна кампања за бесплатни прегледи, собирање пари и подигнување на свеста за машкото здравје, како што се рак на простата, карцином на тестиси и проблеми со менталното здравје.

Секој четврток во месецов, најстариот Здравствен дом во државава, Железничар врши бесплатно испитување на крвта на мажи над 45 години, со цел рано дијагностицирање на канцер на простата.

Во ходникот на здравствената установа во центарот на Скопје, сретнавме десетина, претежно повозрасни мажи кои чекаа да им дојде редот за земање крв.

„Видов на телевизија и дојдов, кога друг пат ако сега не, бесплатно е, ни рече повозрасен маж. Друг пак се поттикнал од болеста што го снашла соседот па решил да направи преглед.

Само за неколку часа сестрите од железничар во лабораторијата однесоа повеќе од 100 пипети на испитување на ПСА – тестови, што е првиот чекор за детекција на канцер на простата. Мажите што дојдоа на тестирање резултатите ги добиваа во рок од половина час, на вибер или испечатени на хартија. Со нив понатаму, доколку имаат покачени вредности, преку матичниот лекар, може да направат ехо на простата. Лекарите велат дека може, ама не мора да значи дека покачените вредности од ПСА тестот значат и рак на простата, туку можеби е некоја инфекција.

-Апелирам до сите машки лица да се грижат за нивното здравје, да се тестираат и да не чекаат, особено оние над 45 години, кои се најранливи на ова заболување. Проверување на само една капка крв, може да спаси нечиј живот. Затоа, нема оправдување дека се нема време, посочи докторт Спасе Јанев од Здравствениот дом Железничар на чија иницијатива веќе втора година се прави бесплатното тестирање.

 Мој термин е зафатен до Нова Година

Бројот на заболени од канцер на простата од година во година се зголемува, а возрасната граница се намалува. Уролозите советуваат еднаш годишно да се оди на преглед, но пациентите предупредуваат дека долго се чека за ехо на простата.

Пациенти кои имаат тегоби со простата, а што е чест случај во повозрасни години, губат многу време како во поставувањето на дијагнозата така и при лекувањето и одењето на контролите што се неопходни за благовремено се спречат фаталните последици од можното појавување на карционом на овој орган, а што не е редок случај. Откако ќе се забележат тегобите најмногу време се губи на закажување и добивање на термини за ехо-прегледи на простата и други внатрешни органи. Побрзо оди утврдувањето на крвната слика и на ПСА тестот. 63 годишен скопјанец во разговор со новинарот на ВЕЧЕР, вели дека редовно му се случува на ехо – преглед да чека и по месец дена при што матичниот лекар му бара ординации по цело Скопје- каде има слободен термин – од Шуто Оризари па до Карпош. Во приватните ординации термините се побрзи но и многу поскапи, едно ехо е повеќе од 1000 денари. Откако ќе се соберат тие резултати се оди на преглед кај специјалист на државната Клиника за урологија, во амбулатниот дел каде никогаш не можете да добиете термин преку „Мој термин“ туку секогаш матичниот доктор ви дава Приоритетен упат со кој некако ќе бидете примени на преглед кај специјалистот. „Но, пред ординациите во амбулантиот дел од Клиниката за урологија секогаш има огромна гужва од пациенти кои доаѓаат од цела Македонија. Уште од 7.30 часот на шалтер се оставаат книшките за да има некаков ред, а прегледите почнуваат околу 9 часот во најдобра ситуација, а некогаш и подоцна. Па, така, се чека по неколку часа да дојдете на ред. Мене еднаш ми се случило на ред да дојдам дури околу 13 часот,а  целиот преглед траеше 5-10 минути, речиси од нозе. Очигледно, нема доволно лекари и тие не може да им се посветат на сите пациенти. Дел од пациенти се навистина со големи тегоби. Излегува дека за да отидете на некоја од контролите што ви ги закажуваат треба да земете слободен ден од работа. Поради тоа и јас одамна не сум бил на некоја контрола и си создавам ризик по сопственото здравје, ни ги пренесува здравствените предизвици со кои се соочува овој скопјанец.

На интернет страницата „Мој Термин“, ако сакате да закажете деновиве, слободно место за ехо на простата има само во неколку градови од внатрешноста. Во главниот град, на Клиниката за урологија, Градската болница 8 Септември и хирушката Свети Наум Охридски слободен термин нема до грајот на годината. Матичен лекар споделува дека во системот за закажување на прегледи што тие го гледаат би можело да се најде термин за месец дена, под услов пациентот да не бара некој посебен специјалист, или пак доколку некој го откаже терминот.

 Што опфаќа рутински преглед на машките органи

Рутински уролошки тест подразбира надворешен преглед, лабораториски анализи, анализа на простата – ПСА и ЕХО на урогениталниот систем. Основната придобивка од редовните прегледи е навремено откривање на болеста во ран, излечлив, стадиум. Простатичниот канцер најчесто се јавува кај повозрасната популација, најчесто по 50-та година од животот. За разлика од оваа патолошка состојба, карциномот на тестисите е најприсутен кај млада популација – во репродуктивниот период, помеѓу 20 и 40-годишна возраст, а најчесто се манифестира како нешто тврдо на допир на тестисите.

Бројот на мажи на кои им е дијагностициран рак на простата, најчеста форма на машки карцином во над 100 земји, светските истражувања предвидуваат дeка ќе порасне на 2,9 милиони годишно, до 2040 година и зголемување на смртноста за 85 отсто. Симптомите на рак на простата вклучуваат почеста потреба за мокрење или отежнато мокрење, често ноќе. Истражувачите повикуваат на нови и подобрени начини за тестирање на болеста за да се намалат прекумерните дијагнози и претераното лекување, со цел порано да се откриваат овие тумори. (П.А.)

Веспаџиите на превентивно тестирање

Мото клубот Веспа и Џенталмен се приклучија на кампањата за подигнување на свеста за машкото здравје и направија тестирање во Здравствениот дом Железничар. Ноември е месец кога се одбележува како Мовембер – глобално движење кое ги поттикнува мажите да пуштат мустаќи како симбол и потсетник за важноста на машкото здравје. Пуштањето мустаќи во ноември не е само мода – тоа е симбол на солидарност и охрабрување. Секој мустаќ претставува разговор што треба да започне, секоја приказна што треба да се сподели и секој маж кој треба да знае дека не е сам, им порачаа на мажите од Институтот за јавно здравје.

Истражувањата покажуваат дека мажите многу поретко бараат психолошка помош, а процентот на самоубиства кај мажи е повеќекратно повисок отколку кај жените. Ова не се должи на слабост, туку на недостаток на поддршка, разбирање и охрабрување да се зборува.

 

 

ИЗДВОЕНИ