Со исклучок на Србија, која за прв пат по 13 години одби да присуствува, денеска во Брисел се одржува традиционалниот Самит ЕУ-Западен Балкан, кој има за цел да ја потврди посветеноста на проширувањето со земјите од Западен Балкан како стратешка определба на Унијата. Ваквата порака испраќа позитивен сигнал до целиот регион. Македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој е дел од делегацијата предводена од премиерот, Христијан Мицкоски, пред состанокот најави декалидерите од регионот и претставниците на Европската Унија ќе разговараат за конкретни иницијативи за постепена евроинтеграција. Муцунски го посочи приклучувањето кон СЕПА, партнерството за безбедност и одбрана, иницијативата за укинување на роамингот и други слични проекти, преку кои граѓаните директно ги чувствуваат придобивките од европскиот процес. Тој с еповика на оценките на Европската комисија, според кои, Владата по завршувањето на локалните избори покажала сериозна посветеност во спроведувањето на клучните реформи од реформската агенда. Тој додаде дека позитивни оценки за Владата од страна на ЕУ се добиени и во областа на економијата и образованието, при што највисоката оценка е забележана во делот на надворешната политика, односно усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.
-Во моментов, веќе има повеќе закони во собраниска процедура, примарно насочени кон борбата против корупцијата, зајакнување на владеењето на правото и реформата на правосудството, како и други законски и подзаконски акти поврзани со реформската агенда, чие носење е поздравено од Европската Унија. Нашето место е во Брисел, нашето место е како полноправна членка на Европската Унија. Жално е што во изминатите години се соочуваме со билатерални блокади, истакна Муцунски во изјава за националниот сервис.
Да се надминат билатералните блокади
Шефот на дипломатијата посочи дека Владата ќе продолжи фокусирано да работи на техничкото усогласување и исполнувањето на потребните критериуми, но рече и дека е важно, заедно со земјите-членки на ЕУ, да се изнајде начин за надминување на билатералните пречки.
-Жалам што во последните недели не гледаме доволно добра волја за возврат, и покрај реформските процеси што ги спроведуваме и кои се препознаени и во Брисел и од страна на земјите-членки. Ние ќе продолжиме по нашиот пат – со фокус на домашните реформи, а во однос на билатералните прашања ќе бараме рационално решение кое нема да ги загрози националните интереси. Доколку постои добра волја и доверба, не постои прашање за кое не може да се најде решение. Во последно време чувствуваме недостиг од добра волја од страна на Софија. Земјите-членки го следат наративот што доаѓа оттаму и очекуваме нивна поддршка во процесот на изнаоѓање решение, изјави Муцунски.
Во обраќањето на настанот „Здравица за добрите соседи: Еве колку се добри Западните Балканци…“ што во Брисел се одржа под покровителство на еврокомесарката за проширување Марта Кос, Муцунски истакна дека ниедна држава во регионот не треба да биде изолирана од полноправно членство во ЕУ и дека земјите од Западниот Балкан треба да работат заедно, помалку да гледаат кон минатото, а повеќе кон иднината. Тој додаде дека пристапниот процес не е само за една или две земји од регионот да се приклучуваат кон Европската Унија, туку тоа го сторат сите држави од Западниот Балкан.
– Тоа не мора да се случи во исто време. Знам дека системот не функционира така, но треба да бидеме таму заедно. Ниедна држава во регионот не треба да биде изолирана од полноправно членство во ЕУ и од нас зависи да работиме врз основа на стандарди, врз основа на критериуми и да гледаме кон иднината. Помалку да гледаме кон минатото, а повеќе кон иднината, бидејќи иднината е она што може да нè обедини, истакна Муцунски.
Еврокомесарката Кос во обраќањето на настанот рече дека кога станува збор за Западниот Балкан премногу се зборува за политика, за кластерите, поглавјата, критериумите и преговорите, а всушност се заборава дека регионот е многу повеќе од тоа.
– Моите кандидати за членство се повеќе од само трчање по преговорите, по исполнување обврски, постојано велење да… Вистинската цел на оваа вечер е да покажеме дека ние сме луѓе и треба подобро да се познаваме. Знаеме кои се нашите земји, какви се нашите луѓе, каква храна сакаат и оваа вечер е да разговараме за тоа, истакна Кос.
Кос: Вие сте Европејци
Таа додаде оти знае колку земјите од Западен Балкан можат да бидат страствени и колку љубов вложуваат во процесот на пристапување, за да и докажат на ЕУ дека навистина сакаат да бидат дел од неа.
– Мислам дека понекогаш треба да им кажеме: Не мора да го правите тоа. Вие сте Европејци. Вие сте дел од нас. Она што го правиме сега е формалност и тоа ми дава енергија да работам со вас, рече Кос.
Еврокомесарката рече дека си дала ветување оти по завршување на техничкиот дел од преговорите за членство на секоја од земјите кандидати, ќе се искачи на највисоката планина во таа држава, додавајќи дека кога станува збор за Македонија, планира да се искачи на Кораб.
– Тоа е еден вид визија. Тешка работа. Не може секој да се искачи до врвот, но ако не се обидеш, никогаш нема да успееш. Тоа е сликата што сакам да ја претставам за земјите кандидати кога за нив им зборувам на другите. Да, тие сакаат да станат членки и работат чекор по чекор, но тоа не може да се случи преку ноќ. Тоа е и мојата порака вечерва. Ве молам продолжете натаму, им порача Кос на земјите од регионот.
На настанот со свои штандови на кои беа изложени вина и традиционална храна беа претставени сите земји од регионот, со исклучок на Србија, која во последен момент го откажа учеството.
Одлуката ја соопшти српскиот претседател Александар Вучиќ, кој изјави дека првпат во последните 13 или 14 години, ниту тој, ниту кој било друг од Србија „нема да оди на таа меѓувладина конференција“.
– Западниот Балкан ќе биде без Република Србија, изјави Вучиќ, додавајќи дека таквата одлука е донесена со цел „никој друг да не биде виновен и српската Влада да не трпи никаков притисок“.
Вучиќ додаде дека во претходните 24 часа разговарал со голем број европски лидери и дека им е „благодарен на многумина, дури и на оние кои секогаш критикуваат, иако не знаат што точно критикуваат“.
Одлуката за неучество на Србија на Самитот ЕУ-Западен Балкан следи откако земјите членки на Унијата вчера го потврдија ставот дека за отворање на Кластерот 3 од преговорите за членство, Белград треба да постигне понатамошен напредок во областа на владеењето на правото и во нормализацијата на односите со Приштина.
Како главни теми на Самитот ЕУ-Западен Балкан беа најавени стратешко партнерство меѓу Унијата и земјите од регионот, постепената интеграција и Планот за раст, како и надворешните работи, безбедноста и одбраната. Претседавањето со Самитот беше во рацете на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, беше најавено учеството на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, а покрај премиерот Мицкоски, Самитот ги седна на иста маса и лидерите на останатите земји кандидати или аспиранти за членство во Унијата од Западниот Балкан, освен Србија која го откажа учеството.
Форматот на овој Самит започна во 2018 година во Софија, а оттогаш најчесто се одржува во Брисел, во пресрет на Европскиот совет. Единствен исклучок досега е самитот во декември 2022 година, одржан во Тирана — прв и засега единствен самит организиран во земја од Западен Балкан.
Претходниот Самит ЕУ-Западен Балкан се одржа лани во декември во Брисел, а следниот е предвиден за во јуни 2026 година во Црна Гора. (В.С.Н.)












