Топлинските бранови сè повеќе ги погодуваат европските градови, а многу граѓани не можат да се разладат во своите домови. Климатските засолништа – јавни простори со сенка, вода и основни услови, стануваат клучно решение во борбата против сè поизразените климатски екстреми.
Бидејќи топлинските бранови стануваат сè почести и поинтензивни, тоа доведува до растечка потреба од решенија што ќе помогнат градовите да бидат попогодни за живеење за време на екстремни временски услови.
Со оглед на тоа што енергетската сиромаштија остава многу луѓе незаштитени дури и во своите домови, климатските засолништа би можеле да бидат едно од решенијата за поотпорни градови.
Концептот на „климатско засолниште“ сè повеќе се споменува како можен одговор на овој проблем.
За време на топлотни бранови, како оние што неодамна го погодија Лисабон и други европски градови, одредени места можат да им обезбедат олеснување и освежување на граѓаните.
Тоа можат да бидат јавни паркови и градини, библиотеки, културни центри, музеи или училишта кои се отворени во текот на денот за сите оние кои се особено чувствителни на високи температури.
„Ефектот на топлотен остров е дополнително засилен за време на топлотни бранови и е најизразен во урбаните средини“, објаснува научникот за обработка на податоци, Мануел Банза.
Како што објаснува тој, градовите се густо изградени, имаме многу асфалт што ја апсорбира сончевата топлина и затоа се случува дури и во шест или седум часот навечер да биде многу топло, иако сонцето повеќе не свети, бидејќи земјата ја задржала топлината.
„Покрај тоа, имаме многу згради и честопати тесни улички, што го отежнува циркулацијата на воздухот“, додава тој.
Банза неодамна објави студија во која идентификува потенцијални климатски засолништа во португалската престолнина.
На интерактивна мапа на Лисабон, тој го покажа интензитетот на ефектот на урбаниот топлотен остров и нацрта градини, фонтани, чешми со вода за пиење, јавни базени и библиотеки.
Во Лисабон, каде што непријатноста во домот поради топлината е секојдневна појава, градската власт сè уште не воспоставила формална мрежа на климатски засолништа, но мапата создадена од Банза би можела да биде многу корисна.
„Постои голема температурна разлика во домовите, а Лисабон е еден од најлошите градови во Европа во однос на енергетската ефикасност. Ова значи дека луѓето имаат проблеми со ладењето или греењето на своите домови и во лето и во зима. Затоа, постои одговорност, и на општинско и на државно ниво, да се трансформираат јавните простори“, смета Банза.
Повеќе од половина од жителите на Лисабон кои учествувале во анкета на Агенцијата за енергетика и заштита на животната средина изјавиле дека се чувствуваат непријатно дома и во лето (56,5%) и во зима (63,2%). Освен што предизвикува непријатност, екстремната топлина е поврзана и со зголемена смртност. Помеѓу 28 јуни и 3 јули оваа година, Португалија регистрираше 284 смртни случаи над просекот.