– Без мајчиниот јазик не можеме да бидеме ни луѓе, тој е како матична клетка на идентитетот и на културата. Овој ден е посветен на љубовта, негата, грижата и почитта на сите мајчини јазици кај нас и во светот, зашто на мајчин јазик најлесно и најдобро се изразуваат радоста и тагата, чувствата и мислите, истакна претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, на вчерашното одбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 Февруари во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Таа посочи дека не им е лесно на околу 7.000 јазици на мали народи во светот, затоа што се под притисок поради јазичната нерамноправност.

– Се соочуваме со јазични конфликти, имало и има јазична доминација, дури и јазичен империјализам. И затоа, кога исчезнува некој јазик, мора да знаеме дека згаснува нечиј живот, и тоа живот на цела нација, живот на многу луѓе, живот на многу мајки. И затоа, битката за малите јазици треба да биде сериозна битка… истакна, меѓу другото, Сиљановска-Давкова во обраќањето. Таа додаде и дека во овие непредвидливи времиња, кога се престројуваат големите сили, секогаш се на удар малите народи и малите јазици, но и дека одбраната на нашиот македонски јазик е во рацете на говорителите, но подеднакво и во рацете на институциите, професорите, учителите, лингвистите, медиумите…

– Мора постојано да си се потсетуваме дека јазикот е темелот на идентитетот, јазикот е чувар на колективната меморија и јазикот е единствениот мост што нè води напред во иднината. Во него се запишани искуствата на сите минати генерации, во него се вградени стремежите на оние што ќе дојдат по нас. Овој ден не е само повод за одбележување туку и потсетник за одговорноста што ја имаме кон јазикот како кон непроценливо културно наследство и богатство и како кон моќно миротворно оружје… посочи Сиљановска-Давкова.

Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска, пак, истакна дека многувековната борба за слобода, државност и признат македонски јазик нѐ научи на заемно почитување на различните култури и различните јазици.

За значењето на мајчиниот јазик зборуваше и проф. Гоце Цветановски, автор на првиот Македонски етимолошки речник, чиј прв том беше промовиран на крајот од минатата година. Тој рече дека прашањето за јазикот не е само лингвистичко туку е прашање на достоинство, идентитет и право на постоење и дека јазикот не е административна, туку духовна и културна категорија.

На настанот, актерот Никола Ристановски интерпретираше стихови од Конески, Шопов и од Андреевски

УНЕСКО во 1999 го прогласи 21 Февруари за Меѓународен ден на мајчиниот јазик во чест на загинатите студенти од Источен Пакистан, денешен Бангладеш, кои во 1952 протестираа затоа што нивниот мајчин бенгалски јазик не беше признат за службен.

ИЗДВОЕНИ