Дали користењето на паметни телефони создава слична зависност како онаа кај корисниците на опојни средства. Што е тоа екранизам, како тоа влијае на младиот организам, како оваа појава може да се детектира и кои се најчестите грешки што родителите ги прават, па не сакајќи му наштетуваат на своето дете, и како да се справиме со зависноста од паметни телефони кај децата и младите? На оваа тема за весникот ВЕЧЕР разговараме со Виолета Стојановиќ, педагог и магистер по психолошки науки во превентивна заштита од Гевгелија. „Прекумерното користење телефони е причина за пораст на детската депресија, анксиозност, нарушување на вниманието, психози и проблематично однесување на децата и адолесцентите, вели нашата соговорничка и им препорачува на родителите да ги активираат децата да играат, да трчаат, да скокаат и да се дружат со врсниците, а не социјализацијата да ја остваруваат преку социјалните мрежи.
Многу стручни лица велат дека мозокот кај младите реагира на употребата на паметните телефони, интернетот и социјалните мрежи на сличен начин како и на земањето дрога. Се согласувате ли со ова?
Според експертите за зависности, прекумерното користење на мобилни телефони предизвикуваат слични последици како и земањето опојни средства и алкохол. Ако мислите дека ова е пресилна споредба, ќе ви го кажам и следното. Според д-р. Ранко Рајовиќ, кај децата не се развива предната страна на мозокот која е важна за размислување, поврзување и други важни функции. Тоа е многу тажна ситуација, но тоа, за жал е масовна појава. Децата треба да се дружат, да играат, да трчаат, да скокаат, а не социјализацијата да ја остваруваат преку социјалните мрежи. Студиите за тоа како мозокот се менува кога човек користи интернет, ги отсликува истите ефекти низ кои поминува мозокот кога некое лице користи дрога. Додека со прстите вртиме и скроламе низ екранот, се лачи во нашето тело допамин и ендрофин, па нашиот мозок, тоа се хормоните на среќа и задоволство кое ние ги добиваме и кои носат секундарно задоволство кај поединецот. Сета оваа ситуација објаснува зошто детето сè повеќе сака да игра видеоигри и зошто настапува криза кога родителот ќе сака да му го одземе телефонот, таблетот.
Исто како и зависноста од алкохол и дрога, технолошката зависност предизвикува ограничувања во другите активности кои се важни во развојот на младиот човек. На крајот, некој може целосно да престане да се занимава со други активности за да биде повеќе присутен на интернет. Симптомите на повлекување од употребата на интернет се слични на ефектите на повлекување на лековите. Зависниците од интернет можат да доживеат депресија, промени во расположението и анксиозност кога ќе престанат да користат интернет. Во 2017 година, експертката за зависности Менди Салигари сугерираше дека да му дадете паметен телефон на детето е исто како „да му дадете грам кокаин“.
Што, всушност, претставува екранизмот или зависноста од гледањето во екраните на паметните телефони и социјалните мрежи?
Екранизам е поим што се користи за означување на прекумерно користење на екран најчесто кај децата и младите. Екранизмот означува тешкотии на когнитивен и емоционален план поради таа прекумерна изложеност на екрани како кај децата така исто и кај возрасните.
Зависноста од екранот се случува кога користиме премногу технологија во текот на денот. Ова може да биде гледање премногу телевизија, играње видеоигри, постојано лизгање низ социјалните медиуми, гледање видеа на YouTube или користење други апликации за паметни телефони.
Од една страна зависноста е опасност сама по себе, а од друга имаме искуство учениците да не внимаваат доволно на часовите затоа што сакаат што побрзо да заѕвони ѕвончето и целосно да се посветат на игрите. Имаме и ситуации кога децата се поистоветуваат со ликови од таквите игри, што може да доведе до насилство кон врсниците, но и суицидни нагони.
-Како да се препознае екранизмот кај децата?
Внимавајте на вашето дете секогаш кога го користи својот паметен телефон за да забележите какви било рани предупредувачки знаци на зависност од паметен телефон Пред сè, тоа секогаш цврсто го држи телефонот во текот на денот. Кај децата може да се препознае и по заостанувањето, т.е. непознавање на својот мајчин јазик (претшколските деца ги знаат боите на англиски јазик, но не и на македонски), тешкотии во задржување доволно внимание на одредена задача соодветна на возраста, тешкотии во воспоставување односи со другите околу себе, децата се осамуваат или стануваат агресивни, не разликуваат добро од лошо, не ги разбираат причинско-последичните односи (зошто е лошо ако некој повреди, удри или навреди) и зошто треба да ги сноси последиците поради тоа…
Екранизмот е посебно штетен и влијае и на сонот. Два часа пред спиење е посебно важно да не се користи телефон. Затоа што светлото од телефонот му дава погрешна наредба на мозокот дека е дење, со тоа се намалува мелатонинот, кој е важен за добриот сон и детето нема квалитетен сон, што значи дека утредента тоа ќе биде поспано, неконцентрирано и уморно на училиште.
Кои се штетните ефекти кои може да настанат ако младиот човек поминува премногу време со мобилниот во рака?
Прекумерното користење телефони е причина за пораст на детската депресија, анксиозност, нарушување на вниманието, психози и проблематично однесување на децата и адолесцентите.
Технологијата еволуира, но нашиот мозок не, и тука се прават проблеми кај децата и младите кои уживајќи ги овие технолошки содржини, не се ни свесни какви последици трпат.
Знаете, младите користат паметни телефони за различни цели. Некои од нив разговараат со своите пријатели долги часови, додека други го поминуваат времето играјќи безброј игри. Интернетот е место на знаење за децата. Тоа може да им помогне да стекнат знаење за различни теми и исто така да им помогне во истражувањето за некои проекти. Сепак, оваа алатка доаѓа и со опасностите од долгорочна употреба или овозможување на децата да добијат пристап до несоодветна содржина за нивната возраст. Иако не може да расправаме за корисноста на паметните телефони, континуираната употреба и изложеноста може да имаат штетни ефекти врз младите. Премногу време поминато пред екранот може да доведе до проблеми со спиење, намалена физичка активност, социјална изолација и проблеми со видот. Покрај тоа, преголемата изложеност на содржини на социјалните мрежи, независно дали станува збор за Тикток, Инстаграм, Снепчет или Јутјуб, Нетфликс и слично, може да има негативно влијание врз менталното здравје кај децата и младите, креирајќи искривена слика за реалниот свет следејќи ги светските трендови.
Децата имаат намалено внимание,немаат концентрација, доцнат со когнитивниот развој, тешко учат, имаат зголемена импулсивност, намалена способност во контролирање на чувствата и однесувањето (агресивно однесување). Сето ова влијае на нивната писменост и напредокот во образованието.
Тука би го спомнала и сајбер-насилството кое во последно време зазема голем замав и кој остава тешки последици за менталното здравје посебно на жртвата која е погодена.
Околу 60 до 70 % од децата во претшколска возраст знаат да играат на компјутери, но само 10% знаат самите да си ги врзат врвките од обувките. Кон што нè води ваквото однесување, дали имаме криза на менталното здравје и бегство од реалноста во некој виртуелен свет?
Да, мобилните телефони и нивните функции може да се користат како бегство од секојдневието. Заборавајќи ја реалноста преку фантастични игри, борбата против осаменоста преку градење виртуелни врски или потиснувањето на депресијата со барање внимание преку социјалните мрежи.
За жал, игрите, како скокање јаже, играње ластик кои порано се играа секојдневно и го развиваа логичното размислување кај децата, сега се фрлени во заборав и заменети со екрани.. Кога детето ќе почне да губи интерес за надворешниот свет, за дружење, гледање цртани филмови со поучна содржина, да покажува незадоволство, време е да се побара стручна помош!!!
Детокс од дигиталната технологија е да се помине одредено време без технологијата, а времето да се искористи во дружба со најблиските, прошетки, рекреација, и да се направи разграничување меѓу реалниот и дигиталниот свет.
Дали најдобриот начин за спречување и борба против зависноста од екранизмот е да се воведат некакви правила и дома и на училиште?
Не треба да заборавиме дека и ние родителите сè повеќе време поминуваме пред екраните, а сè помалку со своите деца. Не е ретка појавата кога мајката и таткото гледаат во своите телефони, а детето седи покрај нив и се обидува да го привлече нивното внимание. Бидејќи не може да се поврзе со родителите, детето се поврзува со уредите и така прави зависност, а доцното забранување на технологијата и ограничување, предизвикува емоционална нестабилност.
Да ве потсетам на мислата на Мајка Тереза – „Ако сакате да донесете мир во светот, одете дома и сакајте го своето семејство“. Голем дел од штетата што произлегува од зависноста од екраните се однесува и на распаѓањето на семејните врски. Децата рано заминуваат на училиште, а потоа, кога исцрпените родители се враќаат од работа, наместо да разговараат, сите се забавуваат на дигитални уреди до доцна во ноќта. Така, родителите повеќе не можат да ги контролираат своите деца кога станува збор за користење на мобилниот телефон. Истражувањата покажуваат дека 4 од 10 родители не успеваат да ги спречат своите деца да користат паметни телефони. И се чини дека работите се влошуваат, бидејќи дури и помалите деца, до шест години, се исклучително добри во ракувањето со таблет или телефон
Најдобриот начин за спречување и борба против зависноста е да се воведат некои правила дома и на училиште. Родителите треба да им одредат на своите деца една граница на времето кое тие, децата, ќе го поминуваат пред екраните.
Направете вашето дете да има приоритет на важни работи како што се домашни задачи, домашни работи, дружење. Избегнувајте користење на паметни телефони како награда или одвлекување на вниманието. Вклучете го вашето дете во учење засновано на активности. Погрижете се вашето дете да не го користи својот паметен телефон предолго во текот на денот.
Сигурно е дека децата и тинејџерите на почетокот ќе се побунат и ќе поминат низ криза слична на онаа на секој зависник, но родителите треба да останат доследни и многу цврсти и да не попуштаат и покрај детскиот плач и молење. Само така можете да го спасите детството на вашиот син или ќерка!
Што се однесува до училиштата, УНЕСКО препорача забрана за мобилни телефони во училиштата во јули 2023 година. Препораките за забрана на користење на мобилните телефони се прифатени и во образовниот процес во дел од европските земји, а во последно време е сè поприсутна забраната на користење на мобилни телефони и во училиштата во нашата земја. Истражувањата на кои се повикува УНЕСКО покажуваат дека мобилните телефони го одвлекуваат вниманието на учениците и имаат особено негативно влијание врз децата кои имаат тешкотии во учењето. Дополнително, децата повеќе разговараат меѓусебно и се дружат, што ја поттикнува социјалната интеракција.
Можеме да кажеме дека на некој начин целото човештво когнитивно пропаѓа бидејќи претерано се потпираме на нашите мобилни телефони и технологијата. Учиме од екраните, наместо од книги, учиме површно, а информациите сè пократко се задржуваат во нашата меморија.
Ние се стремиме кон дигитализација во училиштата, а треба да ги земеме за пример државите каде што се применува дигитализација во училиштата, токму тие држави имаат пониски резултати споредбено со периодот пред дигитализацијата на ПИСА-тестовите. Така, на пример, Австралија која пред 10 години вложи милијарди во дигитализација, се откажа од неа, бидејќи резултатите биле поразувачки.
–На крајот, се потпираме ли претерано на нашите мобилни телефони и технологијата.?
Мобилните телефони, таблетите и сите нови технолошки изуми станаа дел во нашиот секојдневен живот. Без разлика колку модерната технологија ни го олеснува животот сепак ни создава и одредени проблеми. Модерната технологија на многу начини ни го олеснува животот, но од друга страна ни носи бројни негативни страни како што е феноменот на модерната доба -дигиталниот стрес. Како што е случај со секоја нова технологија или алатка, мобилниот телефон е меч со две сечила. Технолошката моќ на паметниот телефон е огромна, и тој е добра алатка за учење и за децата. Сепак, одржувањето на нештата во умерени количества и ограничувањето на неговото користење на часовите, помага во обезбедување на благосостојба кај децата и всадување на добри навики кај нив.
Љубчо АЛЕКСОВСКИ