Само што тивко згасна пламенот на роденденската свеќичка, во домот на згрижувачкото семејство на Оливера, во СОС Детското село, веќе се палат првите светилки на новогодишната елка. За нив, подготовките за новогодишното празнување, елката и светилките не се само украси – туку симбол на сигурност, припадност и љубов. Тие можеби прв пат имаат можност да ја дочекаат Новата година во дом исполнет со топлина, смеа и нови семејни ритуали. Во домот на Оливера веќе мириса на свежо печени колачиња, елката стои гордо накитена, светилките тивко трепкаат на прозорците, а смеата од дневната соба ја исполнува секоја соба.

– Иако кратко време се дел од семејството, децата веќе создале свои ритуали.  Најмалото братче гордо го носи своето прво новогодишно капче, како доказ дека и тој е дел од прославата. Постариот брат внимателно ги реди украсите на елката, а сестричката тајно подготвува честитка – мало срце на хартија, полно со љубов – вели Оливера

 

Новогодишните празници се време кога магијата е насекаде околу нас. Но за некои деца, тие денови носат и немир – спомени што тешко се бришат и прашања без одговор. Затоа, најважната мисија е токму тогаш: неизвесноста да се претвори во сигурност, а тишината во смеа. Да се создаде чувство дека некој е тука – секогаш.

Украсувањето на елката не е само празничен ритуал. Тоа е момент на создавање спомени. Секоја светилка што се пали, секој лампион што се закачува, е мало ветување дека тука има место за радост. Во заедничкиот „хаос“, во рачињата што несигурно го допираат блескавиот украс и во очите што светат од љубопитност, се  раѓа нешто многу поголемо – чувство на припадност.

Само за три месеци, во семејството на Оливера во СОС Детското село беа згрижени две братчиња и сестричка. Тие веќе го прославија првиот роденден, а сега се подготвуваат и за новогодишните празници. За нив, подготовките за новогодишното празнување, елката и светилките не се само украси – туку и симбол на сигурност, припадност и љубов. Тие можеби прв пат имаат можност Новата година да ја дочекаат во дом исполнет со топлина, смеа и нови семејни ритуали.

Во домот на Оливера веќе мириса на свежо печени колачиња, елката стои гордо накитена, светилките тивко трепкаат на прозорците, а смеата од дневната соба ја исполнува секоја соба.

– Нивната возбуда е заразна. Секое утро прво гледаат низ прозорец дали паднал снег, а навечер ги бројат деновите до Новата година, како да бројат мали надежи – вели згрижувачката Оливера со насмевка.

– Иако кратко време се дел од семејството, децата веќе создадоа свои ритуали.  Најмалото братче гордо го носи своето прво новогодишно капче, како доказ дека и тој е дел од прославата. Постариот брат внимателно ги реди украсите на елката, а сестричката тајно подготвува честитка – мало срце на хартија, полно со љубов – вели Оливера.

Од СОС Детско село велат дека токму ваквите моменти се клучни.

– Украсувањето на елката е повеќе од празничен чин. Секоја светилка што ја палиме и секој лампион што го поставуваме е нова традиција што ја создаваме. Кога ги гледаме како се радуваат на мали нешта – како заеднички ручек или китење на елката – знаеме дека се чувствуваат како дома – нагласуваат од СОС Детското село. 

Оттаму додаваат дека овие празници потсетуваат дека најголемото чудо не е во новогодишните светилки, туку во љубовта што ги поврзува луѓето. Сигурно место каде што децата можат да растат со чувство дека се сакани и прифатени. Сметаат дека најголемиот подарок не е материјален – туку тоа што се сите заедно, под ист покрив.

Оваа Нова година, велат, трите деца ќе ја дочекаат со насмевка, со светилки околу елката и со нова семејна традиција што ќе ја носат во срцето.

Нека им е среќен и полн со љубов овој нов почеток, и нека секоја наредна година им биде побогата со радосни моменти.

Фотоволтаици за четири куќи од СОС Детско село

Четири куќи во СОС Детско село во Скопје отсега ќе користат соларна енергија. Компанијата „Окта“ донираше соларни панели за оваа организација со вкупна инсталирана моќност од 24 KWp, со годишно производство од 32,4 MWh.

Покрај соларните панели, дополнително се инсталирани и четири батериски системи за складирање на енергија со капацитет од 20 KWh.

Ова е само прва фаза од проектот што компанијата ќе го реализира во следните три години.

Согласно со планот, до 2027 година сите куќи во кои живеат згрижувачките семејства ќе имаат инсталирано соларни централи и батериски системи за складирање на енергија. Со реализацијата на овој проект, значително ќе се намалат трошоците за електрична енергија, а истовремено ќе се зајакне одржливоста и дополнително ќе се унапреди квалитетот во домувањето.

– Одржливоста е заедничка обврска на сите нас. Во нашата деловна култура основа на дејствување и реализација на сите активности е поттикнување на одржливост и поддршка за сите чинители во заедницата. Реализацијата на овој проект за нас е вистинска чест, бидејќи со овие активности ќе дадеме конкретен придонес во унапредувањето на квалитетот на живот на децата поддржани од СОС Детско село – изјави Димитриос Пасхос, извршен директор на „Окта“.

Реализираната донација на соларни панели за четири куќи во СОС Детско село ќе придонесе за намалување на јаглеродниот отпечаток за 26 тони на годишно ниво..

– Во срцевината на нашата работа е детето и обезбедувањето стабилна, сигурна и грижлива семејна средина. За остварување на оваа мисија, поддршката од приватниот сектор е од исклучително значење. Ваквите проекти имаат конкретен и долгорочен ефект  – ја зголемуваат нашата енергетска ефикасност и ни овозможуваат дел од средствата да ги пренасочиме кон директна поддршка на децата и на згрижувачките семејства. Дополнително, еколошкиот аспект е особено важен, зашто со користење обновливи извори на енергија создаваме поздрава и поодржлива средина за раст и развој на децата – истакна Јулијана Накова Гапо, национална директорка на СОС Детско село.

Анела ПЕТРОВА

ИЗДВОЕНИ