„Кога би насликал зборови“ – групна изложба на ликовните уметници од Карпош

22

Под мотото „Кога би насликал зборови“, дванаесетмина академски уметници од Карпош, вчеравечер, ги изложија своите ликовни творби во галеријата на Детскиот ликовен центар, во рамките на Кинотеката на Македонија.

На отворањето беа изложени делата преку кои авторите истражуваат како може да се преточи зборот во боја, форма и во композиција.

Изложбата, која е под покровителство на Општина Карпош, беше отворена од Н.Е. амбасадорот Јордан Плевнеш.

– Уметничките дела претставуваат спој на различни стилови, поетики и визуелни изрази, каде што секое дело е личен одговор на прашањето што би се случило доколку добијат зборовите свој ликовен идентитет. Афирмираните ликовни уметници ги изработија своите дела во техниките масло на платно, акрил на платно, комбинирана техника, скулптури – обоено дрво во акрил, обоено дрво во комбинирана техника и тродимензионална керамика – информираат од Општина Карпош.

Оттаму додаваат дека настанот има цел да ја афирмира уметничката сцена на Општина Карпош и да ја истакне креативната енергија што постои во оваа средина.

Љубителите на уметноста ќе имаат можност да уживаат во визуелната поезија создадена од овие талентирани автори, во рамките на изложбата, која ќе биде отворена за јавноста до 10 ноември.

 

ИЗДВОЕНИ