Нов скандал со обложување го тресе спортот, овој пат во центарот на вниманието е УФЦ, а ситуацијата стана уште потензична откако двајца борачи јавно признаа дека во минатото им биле понудени пари за местење борби. Откритијата доаѓаат само еден ден откако познатиот новинар на MMA, Ариел Хелвани, објави дека бројни борачи добиле понуди намерно да ги изгубат своите натпревари, пишува „ММА њуз“.
Борачот во перо категорија, Винс Моралес, потврди на социјалните мрежи дека му биле понудени 70.000 долари за да намести една од неговите борби.
- Целата оваа работа со местење борби е луда! Ми беше понудено да го направам тоа, а тоа не е нешто со што би можел да живеам… иако, на крајот, ја изгубив таа проклета борба, објави Моралес, а потоа ја избриша објавата.
11-fight UFC veteran Vince Morales admits being approached about taking a dive. pic.twitter.com/pldtCiDJqV
— MMA Junkie (@MMAJunkie) November 4, 2025
По него, се огласи и борачката во лесна категорија, Ванеса Демопулос. Во коментар на „Инстаграм“, таа откри дека добила слична понуда.
- Мојот интегритет никогаш не би го дозволил тоа. Ги поминавме нашите животи учејќи ги вештините и почитувајќи го овој спорт. Не можам да верувам дека луѓето го компромитираат својот морал на овој начин, рече Демопулос.
Целата афера кулминираше по сомнителниот меч помеѓу Исак Дулгаријан и Јадиер Дел Вале, кој се одржа на 1 ноември на УФЦ настанот 110 во Лас Вегас. Иако Дулгаријан влезе во мечот како голем фаворит, обложувалниците драматично паднаа во часовите пред борбата. Големите исплати за победа на Дел Вале, особено завршницата во првата рунда, предизвикаа некои обложувалници да ги суспендираат обложувањата, а некои дури понудија и враќање на парите.
Во самата борба, Дел Вале лесно го собори Дулгаријан и го заврши принудувајќи го да се предаде во првата рунда. Новинарот на MMA, Хари Мек, тврди дека ФБИ го информирало УФЦ за сомнителните околности, додека Хелвани објави дека Дулгаријан и неговиот тим ја увериле промоцијата дека сè е чисто. Мек, исто така, изјави дека ФБИ пријавило повеќе од 100 борби поради сомнителни движења на коефициентите.
Само 24 часа по контроверзниот пораз, Исак Дулгаријан беше отпуштен од УФЦ, а атлетската комисија на државата Невада му го задржа хонорарот за борбата.











