Коцевски си оди, неговиот наследник ќе се избира на јавен повик

Владата го започнува денот Д – разрешувањето на јавниот обвинител влегува во собраниска процедура

678

Владата го најави денот Д за правосудството, кога преку Собранието ќе биде „ослободено“од државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски.

Во време кога се водат уште две истраги за „Пулс“ во Обвинителството и кога за Кочани се води жежок политички дискурс во Собранието, власта реши да ја заокружи серијата со разрешување на Коцевски, која трае една година. Всушност, Владата ја продолжува постапката што претходно беше поведена, но поради законски ограничувања во текот на изборниот период, беше привремено стопирана.

– Врз основа на членот 88 став 1 од Законот за јавното обвинителство, а по претходно добиено мислење од страна на Советот за јавни обвинители, му предлага на Собранието од функцијата јавен обвинител на Република Македонија да го разреши Љупчо Коцевски, поради направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство, што доведува до нарушување на ефикасноста и на функционалноста на Јавното обвинителство – образложи во вторникот владината портпаролка, Марија Митева, посочувајќи неколку причини поради кои Владата донела таква одлука, а кои и досега ги образложувала: неовластено изнесување информации, податоци за судски предмети со што ја повредил обврската за заштита на тајноста на постапката согласно со закон; нарушување на угледот на ЈО и неговиот личен углед; непостапување согласно со обврските што се предвидено со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласно со Уставот.

– Не гледам дека е погоден тајмингот да се поклопи со некои политички активности – смета аналитичарот Петар Арсовски.

Иако имаше пауза во процесот за промена на Коцевски, додека траеше истрагата за Кочани, сепак притисокот продолжи и Владата не криеше дека има намера да го смени и мислам дека природно тоа сака да биде сега, вели за весникот ВЕЧЕР Арсовски.
– Кога би избирала, Владата сака почист политички простор без многу активности паралелно, но овој процес доби на интензитет бидејќи така се погоди, и промената на претседателот на Советот на јавни обвинители и Собранието продолжи со работа, едноставно сè се поклопи така да биде – вака гледа на работите политичкиот аналитичар.

Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски во своите настапи пред медиумите оди чекор подалеку за тоа каков обвинител ѝ треба на земјата, кој ќе ги врати интегритетот и функционалноста на Обвинителството, нешто во што, како што тврди власта, Коцевски потфрлил.

– Пратениците го избираат јавниот обвинител, тие се оние што решаваат кое е најдоброто решение за функцијата. Главниот јавен обвинител ќе биде избиран на јавен повик, на кој ќе може да се пријави секој оној што ќе ги исполни условите согласно со закон и согласно со објавениот повик – изјави Мицкоски.

Бескомпромисен борец за почитување на законите, заколнат борец за владеење на правото, некој што ќе биде отпорен на партиски и на политички влијанија и ќе претставува круна на целиот обвинителски систем е профилот на новиот обвинител кој претседателката на државата очекува да биде назначен.

– Бидејќи јавните обвинители се надлежни за гонење на сторителите на кривични дела, а колку се важни ќе ви кажам, во некои земји како во Британија, јавниот обвинител по функција е член на Владата во поширока смисла, некој што ќе биде заколнат борец за владеење на правото, некој што ќе биде отпорен на партиски и на политички влијанија, некој што ќе биде круна на целиот обвинителски систем, бидејќи ако нема промени во обвинителскиот систем, нема да има ниту успешни судски реформи – изјави Гордана Сиљановска-Давкова.

Арсовски е малку скептик дека е можна идеална врска меѓу политиката и правосудството.

– Колку е возможно тоа во еден ваков политички контекст во каков што се наоѓа Македонија, ние, од една страна, имаме голем притисок за враќање на довербата во правосудството од кое е дел и ЈО, имаме притисок за борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото, од друга страна, нашите искуства покажуваат дека ниту еден од обвинителите досега не бил исклучен од политичкото влијание, односно бил обвинет – вели Арсовски и во овој контекст потсетува на Специјалното јавно обвинителство, кое беше најеклатантен пример за тоа како се почна со пристојни намери, а заврши со една општополитичка катастрофа.

– Сето ова не ми дава право да бидам оптимист дека нема да има никакви забелешки за идниот јавен обвинител. На крајот, политичките опоненти секогаш ќе имаат забелешки, но ние да ја видиме неговата работа, дали ќе постапува по законот, дали ќе биде објективен и ќе работи во името на граѓаните – вели Арсовски.

Мандатот на државниот јавен обвинител трае шест години, а во краткиот мандат Коцевски ниту еднаш не го коментираше мотивот по кој се води власта за негово разрешување.

– Ќе го дадам истиот коментар што го давам неколку месеци, тоа е нивна политичка одлука – изјавуваше државниот јавен обвинител.
(П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ