Јавниот обвинител, Љупчо Коцевски, на денешното продолжение на расправата за предлог-ребалансот на буџетот, се пожали пред пратениците дека одобрените околу 14,5 милиони евра ниту оддалеку нема да бидат доволни за работа на обвинителите, а камоли за нови вработувања, дигитализација или, пак, за реализација на нови проекти, како што е отворањето два нови истражни центри во Битола и во Штип, но и за одржливост дури и на странските проекти. Тој побара од пратениците да помогнат да се зголемат средствата од буџетот за Обвинителството.
– Секој денар вложен во правдата не е залуден. Без ресурси, борбата, особено против сложениот криминал, организираниот криминал и корупцијата е нерамноправна – потенцираше Коцевски.
Опозицијата не се согласува со тоа како е направен ребалансот и бара да се прифатат нејзините амандмани со кои ќе се прераспределат парите на граѓаните и ќе се овозможи подобар стандард за нив, а да се скрати во оние буџетски ставки што ќе овозможат луксузирање на власта
Во денешното продолжение на расправата за предлог-ребалансот на буџетот за 2025 година, во обраќањето пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, јавниот обвинител, Љупчо Коцевски, се пожали дека одобрените околу 14,5 милиони евра ниту оддалеку нема да бидат доволни за работа на обвинителите, а камоли за нови вработувања, дигитализација или, пак, за реализација на нови проекти, како што е отворањето два нови истражни центри во Битола и во Штип, но и за одржливост дури и на странските проекти.
– Трошоците на Обвинителството по основ на вештачења минатата година значително се зголемија. За предметот „Онкологија“ беа изработени две обемни и скапи вештачења во странство. Трагедијата во Кочани, сите трошоци за анализа на обемниот доказен материјал, за обдукциите, за истражните дејства, за сложените мултиинституционални вештачења – сето ова падна на товар на Обвинителството. Во најава се уште неколку предмети во кои, поради недостиг на стручни лица од соодветната област во нашата земја, вештачењата ќе треба да се бараат во странство, а странските институции веќе бараат претходни гаранции дека навремено ќе им биде исплатено сработеното – истакна Коцевски и потенцира дека за сите овие активности мора да се предвидат пари во домашниот буџет.
Тој рече дека износот на минимумот на средства што законски е определен за Обвинителството, е фиксиран на 0,4 % од вкупниот државен буџет, а не како што сака да протне некој – од буџетските приходи.
– Повторно и оваа година ни беа доделени само половина од законски предвидените пари. За разлика од лани, кога ни беа скратени средства со ребалансот, сакам да изразам благодарност што барем средствата на Обвинителството не се дополнително скратени. Но, во исто време и да нагласам уште еднаш дека одобрените околу 14,5 милиони евра, и пред и по ребалансот, нема да бидат доволни да се остварат ниту основните функции на Обвинителството. За реализација на обврските од реформската агенда – не станува ниту збор – истакна Коцевски.
Тој се пожали и дека со овој буџет не се предвидени пари за дополнителни вработувања, бидејќи од кадровски аспект, ситуацијата е лоша, а истакна и дека не може да се реализираат и обврските за исплата на плати согласно со важечкиот Колективен договор, за што ќе Обвинителството ќе биде соочено со тужби.
Тој побара од пратениците да помогнат да се зголемат средствата од буџетот за Обвинителството.
– Секој денар вложен во правдата не е залуден. Правдата мора да биде врвен приоритет, но не само декларативно, туку тоа треба да се гледа и преку алокацијата на ресурсите. Имаме обврска да укажеме дека без ресурси, борбата, особено против сложениот криминал, организираниот криминал и корупцијата, е нерамноправна – потенцираше Коцевски.
Обезбедени повеќе пари за плати и за пензии
Вкупните приходи во ребалансот се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари или за околу еден процент повеќе во однос на буџетот, односно за околу 3,5 милијарди денари, а вкупните расходи на ниво од 403,7 милијарди денари, исто така, бележат раст од околу еден процент, односно за околу 3,5 милијарди денари.
Од Министерството за финансии, кое е кројачот на државната каса, посочуваат дека измените на буџетот се прават да се обезбеди негово непречено извршување во услови на позитивни економски трендови и динамика на реализација, со цел навремено и ефикасно финансирање на сите програмски определби, обврски и капитални инвестиции.
– Со ребалансот се врши определба на средства меѓу буџетските корисници, се дообезбедуваат средства за исплата на платите, пред сè во Министерството за внатрешни работи, каде што е обезбеден раст на платите на вработените од 10 проценти, а се обезбедени дополнителни средства и за исплата на зголемените пензии и дополнителни околу 300 милиони денари за капитални расходи – велат од Министерството за финансии.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека ребалансот на државните пари ќе ја раздвижи економијата, затоа што е развоен и дава реална поддршка за иднината.
– Ребалансот покажува раст на приходите од 8,6 % во првите пет месеци од годинава, што укажува на подобрување на економијата и на фискалната дисциплина. Расходите растат умерено, само 5,1 %, со што се обезбедува баланс помеѓу зголемувањето на платите и на пензиите и зачувувањето на стабилноста на економијата. Буџетскиот дефицит останува стабилен на 4 % од БДП. Дополнително, со ребалансот се обезбедуваат 800 милиони денари повеќе за плати, 2,5 милијарди денари за пензии и 300 милиони денари за капитални инвестиции, кои ќе ги зајакнат инфраструктурата и развојот во целата држава – дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Власта крати 30 милиони евра од социјалните трансфери
Опозицијата не се согласува со тоа како е направен ребалансот и бара да се прифатат нејзините амандмани со кои ќе се прераспределат парите на граѓаните и ќе се овозможи подобар стандард за нив, а да се скрати во оние буџетски ставки што ќе овозможат луксузирање на власта.
Од опозицискиот СДСМ велат дека со ребалансот на буџетот, власта крати 30 милиони евра од социјалните трансфери за таа да се луксузира и затоа бараат буџет, каде што во фокусот ќе бидат децата, ранливите, студентите, пензионерите.
– Владата одлучува во најголемиот буџет во историјата да скрати над 30 милиони евра од социјалните трансфери и субвенции додека граѓаните се соочуваат со поскапувања, зголемена сиромаштија и со сè полош животен стандард. Власта нема пари за нови мерки за поддршка на стандардот, нема пари за детски додаток, за посебен додаток за децата со попреченост, за поголем образовен додадок, нема пари за повредените и за семејствата на загинатите во Кочани. Има пари само за нови луксузирања на функционерите на власта, за чие трошење за стоки и услуги, за приватни авиони, папаја и манго се одобрени 30 милиони евра – вели пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска.
Таа е загрижена што со овој ребаланс дупката во ПИОМ ќе расте, а наплатата на придонесите не оди добро. Тоа на долг рок, според неа, значи загрозување на исплатата на пензиите на пензионерите.
СДСМ има поднесено 160 амандмани со кои бара покачување од 20 % на детскиот додаток, еднократна парична помош за новороденче, родителски додаток за дете, додаток за образование, покачување од 10 % на социјалната заштита, гарантирана минимална помош, надоместок заради попреченост, надоместок за помош и нега од друго лице, право на социјална сигурност на стари лица, како и 30 милиони денари за невладините организации, националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженијата за борба против семејното насилство и за Црвениот крст.
Исто така, бараат 934 милиони денари за семејствата на загинатите и на повредените во трагедијата во Кочани, 60 милиони за реновирање и 20 милиони за опрема во болницата во Кочани. Бараат и финансиска помош за студентите од социјално загрозените семејства, додаток на студентите со попреченост и бесплатен превоз на учениците од руралните места.
Пари и за сместување на жртвите на семејно насилство
Пратеничката група на Левица поднесе амандман кон предлог-ребалансот на буџетот за 2025 година, со кој бара да се наменат 600.000 евра за обезбедување престој и сместување за жртвите на семејно насилство. Оттаму велат дека во Македонија постојат само 11 шелтер центри, од кои дел се руинирани, неопремени, нефункционални, со крајно ограничени капацитети, кои никако не може да одговорат на растечкиот број жртви на семејно насилство за кои државата мора итно да преземе мерки.
– Без конкретна финансиска поддршка и обезбедено домување, жртвите остануваат во маѓепсаниот круг на насилство, со сериозни последици врз нивното физичко и психичко здравје, како и врз децата што растат во таква средина. Апелираме до сите пратеници во Собранието да го поддржат овој амандман и да покажат дека безбедноста и животот на жртвите на семејно насилство се над партиските интереси. Не смееме да дозволиме економската немоќ и немањето покрив над главата да бидат причина за фатален крај – велат од Левица.
Бишев: Дополнителното задолжување не би ги поткопало фискалната стабилност и одржливоста на јавниот долг
Претседателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев, вели дека дополнителното задолжување не би ги поткопало фискалната стабилност и одржливоста на јавниот долг.
– Фискалниот совет, користејќи го моделот за јавен долг на ОЕЦД, направи анализа за можните сценарија од дополнителни задолжувања за јавните инвестиции. При тоа, со веројатност од 90 проценти утврди дека дополнителното задолжување не би ги поткопало фискалната стабилност и одржливоста на јавниот долг – истакна Бишев.
(С.Бл.)