Коцевски: Можеме да докажеме обвинение со 34 осомничени

Случај Кочани

329

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски по седницата на Советот на јавни обвинители, на новинарско прашање дали се планира раздвојување на постапките за дел од обвинетите во предметот за несреќата во Кочани, одговори дека нема потреба од тоа бидејќи обвинителството има искуство со застапување на обвинение против поголем број осомничени. Периодов Судскит совет треба да одлучи каде во Скопје ќе се суди случајот за пожарот во кој загинаа 62 млади луѓе, а околу 200 беа повредени. Ова доаѓа по одлуката на Врховниот суд случајот да го судат судии од Основниот Кривичен суд во Скопје, избрани по системот АКМИС. Во опција освен големата специјална судница во затворот Идризово, се и салата во Врховниот суд и големата судница во Кривичен.

-Ако се раздвоеше постапката, можеби ќе се комплицираше, а се работи за ист кривично-правен настан, што значи дека доколку таму во една постапка бидат обвинети, во друга постапка може да бидат сведоци и така натаму. Меѓутоа има и од претходното искуство што имаше предмети со над 30 обвинети. Сметам дека не е бројката многу голема и чекаме сега одобрување на обвинителниот акт. Тоа е еден предмет, а другиот предмет, се надевам дека некаде во почетокот на септември ќе заврши истрагата за полициските службеници што е предметот во организиран криминал – изјави Коцевски.

Од месец март до денес во ОЈОГОКК се постапува по предметите во кои се опфатени 29 полициски службеници за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела поврзани со пожарот во кабарето „ПУЛС“ во Кочани. „Во рамките на своите надлежности јавниот обвинител ги презема сите неопходни дејствија за расветлување на случајот меѓу кои сослушување на лица во својство на осомничени и во својство на сведоци, како и прибирање на други докази, одговорија од ОЈОГОКК пред десетина дена. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ