Мерките што власта ги најавува во правосудството по завршување на локалните избори, државниот обвинител Љупчо Коцевски ги коментира како политички изјави. Премиерот Христијан Мицкоски веќе подолго време зборува за смена на републичкиот обвинител преку собраниска процедура, која според најавите на власта треба да се случи по изборите. Претходно Советот на јавните обвинители даде негативна оценка по образложението на Владата за разрешување на Коцевски, и се најде во последниот извештај на ЕК за напредокот на земјава. Меѓудругото, извештајот нотираше дека за ефикасни истраги потребни се човечки и материјални ресурси.
– Во конкретниот случај во Јавното обвинителство, тоа го истакнувам повеќе пати, работиме со јавнообвинителска служба од една третина, што значи околу 360 вработени, а ни требаат околу 1 126. И минатата 2024 и оваа 2025 и за наредната година од страна на Министерството за финансии не ни се дозволува ниту едно вработување, изјави Коцевски, одговарајќи на новинарски прашања пред седницата на Советот на јавни обвинители.
Согласно Законот за јавното обвинителство, нагласи Коцевски, процентот на средствата за ЈО треба да биде 0,4 % од БДП, а сега, исто како и минатата година се предвидени 0,2 отсто.
-Без разлика што, се настојува со новиот Закон за јавно обвинителство, дури да се покачи на 0,5%. Што значи дека истиот износ во однос на паричните средства е и во минатата и оваа година, како и за наредната година, посочи Коцевски












