Кочница за бесните возачи – пакетот закони за „Безбеден град“ летаат низ собранискиот филтер

Пребрзо возење, пијан или дрогиран? Автомобилот се одзема, а забраната за возење оди до 10 години

65

Кој дивее зад волан, останува без кола и без дозвола…Ова се пораките од пакетот закони за “Безбеден град“ кои пратениците ги изгласаа што е услов за целосно да профункционира системот. Секој сопственик на возило ќе мора да ги ажурира телефонскиот број и имејлот во станица за технички преглед во рок од три дена. Ако не го направи тоа, ќе плати казна од 100 евра. Од февруари, возач што трипати во рок од четири години ќе добие забрана за возење од иста категорија, ќе остане без возачка дозвола. Повторно ќе смее да полага најрано по една година. По судската одлука, возачот ќе биде известен преку СМС или имејл дека дозволата му престанува да важи, а информацијата ќе ја има и полицијата на граница. Со измените се воведува и толеранција при мерењето на брзината, што значи дека од измерената брзина ќе се одзема грешката на уредот. Се воведуваат и нови правила – забрана за возење под дејство на дрога, нови „зони 30“ и „зони училиште“, како и построги услови за автошколите и инструкторите. Од Владата велат дека овие измени се прават поради сè поголемиот број тешки сообраќајни несреќи и поради потребата конечно да се стави ред на патиштата

Возачите што ќе возат пребрзо, пијани или под дејство на дрога, а притоа веќе биле казнувани за тешки сообраќајни дела, ќе можат трајно да останат без автомобил. Ова го предвидуваат измените на Кривичниот законик што ги предложија пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, со кои државата најавува многу построг однос кон најопасните учесници во сообраќајот.

Според предлог-измените, судот повеќе нема да одлучува дали ќе забрани возење или не – забраната ќе биде задолжителна. За тешки сообраќајни кривични дела ќе се изрекува забрана за управување возило од шест месеци, па сè до десет години. Освен тоа, во одредени случаи, судот ќе мора да го одземе и автомобилот со кој е сторено делото.

Автомобилот ќе се одзема ако возачот возел екстремно брзо – најмалку 70 километри на час над дозволеното во населено место или 90 километри на час надвор од населено место, доколку и претходно бил осудуван за ист вид кривично дело. Ако возилото не е негово, ќе се одземе само ако сопственикот знаел дека му го дал на човек што нема право да вози.

Затвор од три месеци до три години или парична казна им се заканува на сите што ќе возат со повеќе од 1,5 промили алкохол во крвта, ќе седнат зад волан под дејство на дрога, ќе возат во спротивна насока, ќе претекнуваат колона на непрегледно место или ќе „летаат“ по улиците далеку над дозволената брзина. Истите казни важат и за оние што организираат или учествуваат во диви улични трки, како и за возење без положен испит или без важечка возачка дозвола.

Новите правила предвидуваат и дека возачите што повторно ќе бидат фатени како возат пребрзо или пијани, иако веќе им е одземена дозволата, не само што ќе добијат нова забрана за возење, туку можат и да останат без автомобил.

Со системот „Безбеден град“, кој од 1 февруари треба целосно да почне да работи, казните ќе стигнуваат директно на телефон. Секој што ќе направи сообраќаен прекршок ќе добие СМС и имејл со фотографија и записник. Ќе има право да се жали, а ако ја плати глобата во рок од осум дена, ќе плати само половина.

Секој сопственик на возило ќе мора да ги ажурира телефонскиот број и имејлот во станица за технички преглед во рок од три дена. Ако не го направи тоа, ќе плати казна од 100 евра.

Од февруари, возач што трипати во рок од четири години ќе добие забрана за возење од иста категорија, ќе остане без возачка дозвола. Повторно ќе смее да полага најрано по една година. По судската одлука, возачот ќе биде известен преку СМС или имејл дека дозволата му престанува да важи, а информацијата ќе ја има и полицијата на граница.

Со измените се воведува и толеранција при мерењето на брзината, што значи дека од измерената брзина ќе се одзема грешката на уредот. Се воведуваат и нови правила – забрана за возење под дејство на дрога, нови „зони 30“ и „зони училиште“, како и построги услови за автошколите и инструкторите.

Од Владата велат дека овие измени се прават поради сè поголемиот број тешки сообраќајни несреќи и поради потребата конечно да се стави ред на патиштата. (П.А.)

МВР ОТВОРИ ШАЛТЕР НА „БЕЗБЕДЕН ГРАД“ ВО МТВ ЗА ПРОМЕНА НА ПОДАТОЦИТЕ И ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ ПРОБЛЕМИ

Министерството за внатрешни работи (МВР) отвори шалтер за „Безбеден град“ во зградата на Македонската телевизија во Скопје. На шалтерот може да  се поднесе барање за промена на контакт-податоците кои се доставени при регистрација на возилата, ако има промена или во случај да е добиено известување со неточни податоци. Шалтерот ќе работи секој работен ден од 8 до 17 часот. Истото ќе може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде има полицаец, а неправилности ќе може да се пријавуваат и на електронска пошта на [email protected]

„Ќе можат да достават писмена забелешка доколку имаат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“, при што сите доставени забелешки ќе бидат евидентирани и разгледани согласно утврдените процедури, со цел унапредување на работењето и поефикасна комуникација со граѓаните“, велат од МВР.

 

ИЗДВОЕНИ