На враќање од Србија, каде од 15 до 17 август биле на обука, пожарникарите на Доброволното противпожарно друштво од Кочани биле вклучени во гаснење на пожар на граничниот премин Табановце. Од нив тоа го побарале полициски службеници, бидејќи пламените јазици му се заканувале на просторот и на објектите на самиот граничен премин.
– Поставивме линија од хидранска мрежа и интервениравме во координирана акција со Дирекција за заштита и спасување и по двата прелета на два „ер трактори“ со сто отстотна ефикасност нашата екипа се повлече од местото упатувајки се кон дома – раскажаа доброволците од ДПД Кочани, кои по пристигнувањето во градот упатија благодарност до организаторите од Србија за максималната посветеност и професионално изведените обуки, како и за нивната гостопримливост.
Седумчлена екипа на Доброволното противпожарно друштво од Кочани присуствуваше на дводневна обука во Србија, во организација на Рускиот хуманитарен центар кај северниот сосед и ДВД „Стефан Синџелиќ“ од Ниш.
Доброволците од Кочани собираа искуство во прва помош, во спасување на вода и ракување со чамец и скутер на вода и во алпинистичко качување и спуштање со јаже.
Инаку, освен пожарот во НП „Јасен“ денеска попладне немаше други активни пожари на територијата на државата.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов изјави дека дождот што заврнал не бил доволен да помогне овој пожар конечно да биде изгаснат. Тој и понатаму создава проблеми бидејќи, како што кажа тој, се наоѓа на тешко пристапен терен.
– Во гаснењето на пожарот се вклучени три летала, еден армиски хеликоптер, еден полициски хеликоптер, како и „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување – изјави Ангелов.