На брифингот што се одржа во судницата во Идризово, каде што ќе се одржува судењето, претседателката на Основниот кривичен суд, Даниела Димовска, истакна дека судот ќе ги обезбеди сите неопходни услови за фер и транспарентна постапка, со апел за почит и достоинство кон сите страни, особено кон жртвите и нивните семејства. Таа нагласи дека судот е исправен пред голема задача и дека е важно да не се подлегнува на сензационализам.
– Во постапката се опфатени 38 обвинети – 35 физички и три правни лица, во два предмети за кои сè уште нема одлука за спојување. Се преземаат безбедносни мерки, а побарана е и лекарска екипа. Оштетените сведоци нема да можат да ја следат постапката до нивното сослушување – рече Димовска.
Стартот е закажан за во 9.30 часот, поканите до странките веќе се испратени, а предметот ќе го суди судијката Диана Груевска-Илиевска. Како втор судија по неколкуте изземања на судии, ќе биде судијата Ахмед Идризи.
Судницата во КПУ „Идризово“ е поразлична од оние во Кривичниот суд поседува системи за заштита на идентитетот на сведоците, можности за онлајн испитувања, безбедносни простории, камери, монитори и има капацитет за 120 луѓе.
– Дополнително, заради ефикасно и економично постапување, определени се повеќе термини за главна расправа односно 25.11.2025 г., 26.11.2025 г., 2.12.2025 г., 4.12.2025 г., 10.12.2025 г. и 11.12.2025 г, а по отпочнување на расправата ќе се усогласат и дополнителни термини, соопшти Судот.
На брифингот присуствуваше и Јавниот обвинител Љупчо Коцевски кој рече дека обвинителството е целосно подготвено, со проширен тим од 15 обвинители, со цел да не се дозволи одложување на рочиштата. Иако доказниот материјал е обемен и се става под прашалник ефикасноста на постапката сепак Коцевски ветува фер судење.
– Јавното обвинителство ќе преземе сѐ во рамки на своја надлежност и нема да дозволиме ниту едно рочиште да биде одложено по вина на обвинителството и затоа донесовме одлука за проширување на обвинителскиот тим, сега, можеби бројот ќе достигне до 15 јавни обвинители со овластувања да постапуваат по предметот. Тоа не значи дека сите постојано ќе бидат во судница. Ќе бидат присутни на првото рочиште, а потоа согласно динамиката ќе бидат присутни тимови на конкретни рочишта – појасни Коцевски.
Главен обвинител е кочанскиот обвинител Борче Јанев, а наизменично ќе се менуваат и останатите од тимот обвинители, секој за областа што ја истражувал, а што довела до катастрофалниот пожар. Вештачењето од Градежниот факултет е меѓу главните докази на обвинителството, покрај сведочењето на сопственикот Дејан Јованов, од кој се очекува да се дознаат многу работи. Во „шупата“ наречена „Пулс“ без стандарди и на „диво“ се доградувало и преградувало, за место плус, но со само една врата за влез и излез. За дел од обвинетите, пак, неприфатливо е да одговара некој што бил на функција десетина години порано.
Претседателот на Адвокатската комора, Љубомир Михајловски, повика на дисциплина и професионалност од страна на адвокатите, со цел да се овозможи непречено одвивање на процесот и заштита на правата на оштетените. Доколку некој од адвокатите не може да присуствува на некое од закажаните рочишта, треба да најде замена.
Со оглед на чувствителноста на случајот и бројот на оштетени, над 200 , од кои дел ќе бидат и сведоци и ќе мора во судницата повторно да ги преживуваат несреќните моменти предизвикани од пожарот, надлежните апелираа до медиумите и јавноста да се воздржат од сензационализам и да известуваат со сензибилитет и почит кон жртвите и нивните семејства.
Помеѓу обвинетите кои се товарат за тешки дела против општата сигурност се сопствениците на Пулас, управителите, инспекторите од сите надлежни институции кои со години прогледувале низ прсти, градоначалници, членови на обезбедување, државни службеници, поранешни министри за економија.
Непосредно пред стартот на судењето за трагедијата во Кочани, семејствата на загинатите деца во пожарот ќе одржат протест во сабота во Скопје. Побараа поддршка од сите граѓани во борбата против корупцијата во системот која доведе до големата трагедија. Нагласија дека иако имале средби со првите луѓе на институциите, сепак за целото ова време добиле само празни ветувања.(П.А.)












