Коалиција од 12 земји ќе обезбедува финансиска поддршка за Палестина – меѓу нив се и Велика Британија и Франција

12

Дванаесет земји, вклучувајќи ги Франција, Обединетото Кралство, Јапонија, Саудиска Арабија и Шпанија, денес објавија создавање коалиција за обезбедување финансиска поддршка за Палестинската самоуправа, која е во финансиски тешкотии и чии даночни приходи ги задржува Израел.

Итна коалиција за финансиска одржливост на Палестинската самоуправа „беше создадена како одговор на итната и невидена финансиска криза“ со која се соочува Палестинската самоуправа, соопшти шпанското Министерство за надворешни работи, пренесува „Хина“.

Таа има за цел да ги стабилизира финансиите на управното тело со седиште во Рамала, да ја зачува неговата способност за управување, да обезбеди основни услуги и да ја одржи безбедноста, „сите од кои се неопходни за регионалната стабилност и зачувувањето на решението со две држави“, соопшти министерството.

Во соопштението се споменуваат „значајни финансиски придонеси“ досега, но исто така се ветува „континуирана поддршка“ за коалицијата, која ги вклучува и Белгија, Данска, Исланд, Ирска, Норвешка, Словенија и Швајцарија.

Канцеларијата на палестинскиот премиер Мохамед Мустафа соопшти дека донаторите ветиле најмалку 170 милиони долари за финансирање на Палестинската самоуправа.

Саудиска Арабија ќе обезбеди 90 милиони долари, изјави нејзиниот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан, во четврток вечерта, според државните медиуми.

ИЗДВОЕНИ