Во кафе-книжарницата „Буква“, на 20 август, од 20:00 часот, ќе се одржи книжевна средба со бугарско-британската авторка Капка Касабова, во организација на „Или-или“, нејзиниот издавач на македонските изданија.

– Оваа вечер ќе биде ретка можност нашите читатели да се запознаат  со бугарско-британската авторка чии книги се преведени на многу јазици и за кои таа е добитничка на бројни награди и признанија – истакнуваат од „Или-или“.

Низ разговор со авторката, творештвото на Касабова, со фокус на двете книги преведени на македонски – „Кон езерото“ и „Граница“, ќе го претстават Ана Витанова-Рингачева и Александар Маџаровски, а за преведувачките предизвици на нејзините дела ќе зборува Бранислав Мирчевски.

„Граница“ е документарно-поетски патопис низ балканскиот граничен појас меѓу Бугарија, Турција и Грција – простор обременет со историја, миграции и со скриени приказни. Касабова се нурнува во митологијата, политиката и во судбините на луѓето што живеат во овие гранични зони, откривајќи еден свет што е истовремено суров и магичен.

„Кон езерото“ продолжува во сличен дух, но се фокусира на Охридското и на Преспанското Езеро, региони каде што се испреплетуваат природата, меморијата и историјата. Книгата е интимно патување на авторката низ земјите и луѓето околу езерата, вклучувајќи го и нејзиното лично семејно минато.

Со книгите „Еликсир“ и „Анима“ Касабова ја заокружи т.н. балканска тетралогија. Издавачот „Или-или“ најавува дека ќе ги објави и овие две книги на македонски јазик.

Капка Касабова е родена во Софија, израсната во Нов Зеланд, а живее во Шкотска. Пишува на англиски јазик и нејзините дела се преведени на повеќе од 20 јазици. Позната е по уникатниот стил, кој ги спојува патописот, мемоарот, историјата и поезијата. Добитничка е на бројни меѓународни награди.

ИЗДВОЕНИ