Културната рубрика на весникот ВЕЧЕР и годинава им претставува на своите читатели повеќе изданија препорачани од дел од македонските издавачки куќи. Станува збор за книги од македонски писатели, книжевни класици, литература за деца и млади, квалитетни дела од автори од целиот свет…
Книгите се извор на идеи, мисли и знаење, ја поттикнуваат креативноста, инспирираат, раскажуваат и пеат за убавината, љубовта, уметноста, филозофијата и за секоја споредна, помалку битна работа што е дел од животот. Ни даваат основа за разбирање на општествата. Книгите може да бидат наш водич низ животот, ни го даваат моралниот компас, а ни претставуваат и различни перспективи што не сме ги знаеле, не сме ги поимале дотогаш. Книгите се тука со векови и го содржат знаењето за нашето минато, за цивилизациите и за културите, ја предвидуваат иднината… И овој пат Културната рубрика на весникот ВЕЧЕР, како и на почетокот на секоја година, им претставува на своите читатели повеќе книжевни наслови препорачани од дел од македонските издавачки куќи.
Современа литература, класици, но и книги за најмладата публика

Како што посочуваат од издавачката куќа „Антолог“, во листата на своите годишни изданија секогаш вклучуваат современа литература, класици, но и книги за најмладата публика, бидејќи само на таков начин ќе бидат достапни до секој читател за да може секој да најде нешто вредно за себе, без разлика на возраста или на вкусот.
– „Си беше еднаш на Божиќ“, иако има празнична тематика, дава инспирација за тоа како да се однесуваме кон луѓето околу нас. Сигурни сме дека и другите сликовници што ни се во подготовка – „Три желби“ од Ана Пашкевич и „Магичен поглед“ од Ане Бјорн – ќе бидат подеднакво важни како за децата така и за родителите. Овие три книги, преку соодветен јазик и илустрации, пренесуваат пораки преку кои сите заедно можеме да го направиме светот поубаво место за живеење. За тинејџерите ја препорачуваме „Мрежи“ од Елој Морено, автор што веќе е застапен во лектирата за средно образование со „Невидлив“, која зборува за врсничкото насилство. Овој пат шпанскиот автор се фокусира на уште една тема со која сме оптоварени сите, тоа е темата на современата технологија и социјалните мрежи, во кои најлесно може да се „уловат“ токму младите – вели Тијана Милиќ од „Антолог“.

За повозрасните читатели, пак, ја одвојува „Крајот на патот“ од Лилјана Коробка, сага за верата и вербата, за патувањето и страдањето, потоа новите дела од книжевните бардови како Фјодор М. Достоевски и Иво Андриќ.
– Во однос на домашната литература, ја препорачуваме најновата верзија на „За македонските работи“, култното дело на Крсте Мисирков, која сè уште зрачи со актуелноста на своите идеи, како и „Сите, сите песни паф“ од Жарко Кујунџиски – поезија устроена во стил што чекори и дише и со вас и со градот – додава Милиќ.
Александру Македонски и Македонио Фернандез за македонските читатели

Нове Цветаноски, главен и одговорен уредник и директор на „Македоника литера“, истакнува дека пред крајот на минатата година издавачката куќа објавила неколку интересни книги за кои очекува интерес од читателите.
– На прво место, тука е романот „Живот во гроб“ од грчкиот писател Стратис Миривилис, кој е најчитаниот и најпубликуван грчки роман, кој е интересен за македонските читатели поради дејството што се одвива во Битола и Битолско и кој, поради македонските теми во него, дури четири пати бил забрануван во Грција. Ќе ги издвојам и романите „Досада“ од големиот Алберто Моравија, „Монтана“ од молдавскиот автор Александру Попеску, „Прегорување“ од Чехот Петр Шестак, кој очекуваме наскоро да гостува во Македонија, а од домашните автори особено го препорачуваме романот на Владимир Илиевски – „Необјавен фељтон“ – вели Цветаноски.
Истакнува и дека од поновата продукција е и интересниот кинески роман – „Јас не сум прељубница“ од Лиу Џенјун, според кој е снимен популарниот игран филм „Јас не го убив маж ми“ (каков што е и насловот на англискиот превод) и тој е 66. кинеска книга во каталогот на „Македоника литера“.
– Неодамна, „Македоника литера“ за македонските читатели откри еден голем романски класичен автор со македонско потекло, кој речиси досега не беше познат во Македонија – Александру Македонски, највлијателен романски поет по Михај Еминеску. Го објавивме неговиот поетичен роман „Таласа“, прво негово дело на македонски јазик. А од Михај Еминеску ја објавивме необичната новела „Кутриот Дионис“. Но, годинава за македонските читатели ќе откриеме уште еден голем писател со македонско потекло – Македонио Фернандез. Ќе почнеме со објавување на неговото книжевно творештво. Македонио Фернадез е значаен и познат писател во аргентинската литература, еден од највлијателните аргентински поети од првата половина на 20 век, кој оставил силни траги врз развојот на аргентинската поезија. Високата вредносна верификација во аргентинската литература ја доби на крајот од 20 век и на почетокот од 21 век, особено со објавувањето на книгата од богатата 17-годишна преписка со Хорхе Луис Борхес во 2020 година, врз кого оставил силно и пресудно влијание за неговото творештво – додава Цветаноски.
Планираат и книга од едно големо име од каталонската книжевност – драмскиот писател Анжел Гимера, со избор од пет негови драми.

– Оваа година на македонските читатели ќе им понудиме и петнаесетина одбрани романи од романската, молдавската, руската, чешката, италијанската, хрватската, босанската литература, а неколку од нив ќе бидат за деца. Кога станува збор за книгите за најмладите читатели, ќе имаме нешто ново од нашиот ексклузивен автор – Киро Донев. Минатата година објавивме четири негови книги, а годинава ќе има уште некоја. Последна негова книга е неодамна објавениот еколошки роман „Приказни од Пизуловата воденица“, за кој очекуваме добар прием кај читателите, како што е со сите негови книги и тој е нашиот најпродаван и најчитан автор и е меѓу најчитаните во Македонија. И, секако, неговата нова книга – „Јуначки приказни“, која содржи приказни за историјата на Македонија од илинденскиот период: за вистински настани, како што е битката на Мечкин Камен во 1903 година, биографски приказни за вистински личности како Питу Гули, Гоце Делчев, Христо Узунов, Пере Тошев, Јордан Пиперката… – вели Цветаноски, посочувајќи дека на македонските читатели, како издавачка куќа, им нудат добар избор и се надеваат дека ќе има сè повеќе македонски читатели на добра книга.
Година со книжевни авантури што ќе ви подарат нови перспективи

Оваа година издавачката куќа „Полица“ им нуди на читателите внимателно избрани наслови што ги поврзуваат класиката, современата проза и големите книжевни наративи.
– Книжевната година пред нас започнува со свежа енергија и ветување за дела што ќе го збогатат читателското искуство и ќе ја продлабочат љубопитноста кон светот на литературата – велат од „Полица“.
Посочуваат дека драмите на Чехов се неопходно четиво за секој што ги сака тивката, но длабока психологија и безвремените човечки судбини.
– Со „Преголем залак“ од Овен Метјуз, читателите добиваат продорна и аргументирана анализа на конфликтот во Украина. „Сердарот“, пак, од Прличев нè враќа кон темелите на нашата книжевна и културната традиција, со јазик и сила што и денес одекнуваат. Во најава се и капитални дела што не смеат да се пропуштат: „Илијада“ и „Одисеја“, темелите на европската литература; „Доктор Живаго“ од Пастернак, роман за љубовта, историјата и моралниот избор, како и „Автобиографијата на Ерик Клептон“, искрено сведоштво за уметноста, славата и за личната борба – истакнуваат оттаму.

Додаваат и дека со секое ново издание, „Полица“ ја потврдува својата мисија: да им понуди на читателите книги што не само што се читаат туку и се доживуваат.
– Нашите наслови се мост меѓу минатото и сегашноста, меѓу големите идеи и интимните приказни, меѓу светот на мислата и светот на емоцијата. Овие изданија не се само книги туку и покана за подлабоко читање и размислување во годината што претстои. Читањето со „Полица“ значи патување низ времето и просторот, низ културите и идеите, низ зборовите што оставаат трага. Подгответе се за година исполнета со книжевни авантури што ќе ве променат и ќе ви подарат нови перспективи – велат оттаму.
Книги – освежување на домашната книжевна сцена

Како што истакнуваат, пак, од Издавачкиот центар „Три“, годинашниот Зимски фестивал на книгата, кој го организираат, носи новитети, нови читатели, зимски читанки и класични четива што недостигаат.
– На телото му дадовме ќебе, на душата – книга. Така гласеше слоганот на Зимскиот фестивал на книгата на „Три“ – велат оттаму.
Додаваат и дека прво треба да се споменат две дела што се освежување на домашната книжевна сцена: „Тринаесеттиот“ од Лидија Димковска и „Александар јава на запад“ од Венко Андоновски, што е различно од сè што сме читале досега од овие автори.

– Книги, пак, што ја одбележаа минатата година и уште се барани се „Тони“ од Румена Бужаровска и „Гласот во твојата глава“ од Коста Петров. „Три“ не заборави да ги исполни и желбите на читателите, кои будно ги следат светските читачки платформи и се жедни за сè што е извонредно оценето од белетристиката, па затоа „Замрзнатата река“ од Ариел Лохон и „Интермецо“ од Сали Руни ги освежија топ-листите со своите први места. Додека денот се продолжува, но зимата сè уште е тука, се случуваат вистинските „Бели ноќи“ од Фјодор М. Достоевски, уште еден новитет што е топла препорака од „Три“ за читателите, на кои им посакуваат среќна нова читачка сезона – порачуваат од оваа издавачка куќа.
Јубилеј со вредна книга на македонски јазик во секој македонски дом

Издавачката куќа „Матица македонска“ годинава слави голем јубилеј.
– Оваа година одбележуваме 35 години од нашето формирање и непрекинато остварување на мисијата: да има вредна книга на македонски јазик во секој македонски дом. Јубилејот ќе го одбележиме и со стотици нови изданија. Меѓу другото, почнавме и нова едиција во која ќе објавиме клучни прозни дела за македонскиот книжевен развој – посочуваат од „Матица македонска“.
Велат дека првото дело е „Ѓон“ од Драги Михајловски и дека ќе сторат сѐ сите дела од едицијата да бидат што подостапни за вљубениците во убавиот македонски збор.
– И оваа година продолжуваме со објавувањето на избраните дела од Блаже Миневски и со нови дела од редица македонски автори. Наскоро ќе почне и нашата традиционална акција „Книга во секој дом“ и, меѓу другото, по повод 14 февруари, денот на виното и на љубовта, на сите читатели им ја препорачуваме книгата „Македонска љубовна лирика“. За читателите што се интересираат за македонската национална историја, годинава ќе го објавиме и вториот дел од книгата „Табу – време на страв и страдање“ од Стојко Стојков, за прогонувањето на Македонците во Бугарија, а за читателите уште се достапни и „Македонија не е Грција“ од Ердоѓан Ознал и изданието на „Абецедарот“ што го објавиме во 2025 година, по повод еден век од првообјавата – истакнуваат од издавачката куќа.

Оттаму додаваат дека годинава ќе се објават и ексклузивни книги важни за Македонија, од акад. Витомир Митевски, Виолета Ачкоска, Иван Антоновски, Весна Мојсова-Чепишевска и од десетици други автори, а особено внимание и натаму ќе им се посветува на македонската проза и на македонската поезија.
– Продолжуваме и со авторите од преводната литература за кои има постојан интерес од читателите како, на пример, Лусинда Рајли – ексклузивно на македонски со „Последната љубовна песна“, романите за Себастијан Бергман, новите дела на Зорана Шулц… Особено внимание им посветуваме и на тинејџерите, со вредни дела како романот „Летото кога научив да летам“ од Јасмина Петровиќ и уште многу нови наслови во 2026 година – истакнуваат од „Матица македонска“. (Н.И.Т.)












