Американскиот весник „Политико“ наведува дека Вашингтон ја разгледува идејата за формирање на сосема нов глобален форум во кој би учествувале пет водечки сили – Русија, САД, Кина, Индија и Јапонија.
Според овој медиум, во тек се дискусии за „навидум необичната идеја“ за создавање формат што би претставувал алтернатива на постојната Група 7 и би се нарекла „Клучни 5“ (Core 5) (C5).
Информации за концептот се појавија и на порталот „Defense One“, кој тврди дека предлогот е вклучен во интерната, сè уште необјавена верзија на новата Национална безбедносна стратегија на САД. Идејата, како што е наведено, одговара на амбицијата на администрацијата на Доналд Трамп да ја обликува структурата на меѓународните односи без да биде ограничена од правилата и рамката на Г7.
Првата задача на оваа наводна „петорка“, доколку се формира, би можела да биде обид за смирување на тензиите на Блискиот Исток, особено кога станува збор за евентуалното приближување меѓу Израел и Саудиска Арабија.
Иако портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, официјално не го потврди постоењето на документот, безбедносни извори веруваат дека идејата не е неконзистентна со сегашниот политички пристап на Вашингтон.












