Клучна средба во Женева за мир во Украина: САД и Европа ја решаваат енигмата за планот на Трамп

18
EPA/MAXYM MARUSENKO

Високи претставници од Соединетите Американски Држави, Украина и советници за национална безбедност од европските земји Франција, Велика Британија и Германија, како и претставник од Италија, денеска во Женева ќе разговараат за нацрт-планот на САД за прекин на војната во Украина.

Европската Унија подготви контрапредлог на американско-рускиот мировен план, кој треба да им го презентира на партнерите на денешната средба во Женева. Европските лидери се обидуваат да се договорат за одговор на планот на САД, за кој се вели дека ги поддржува клучните руски барања.

Во петокот, американскиот претседател Доналд Трамп порача дека украинскиот претседател Володимир Зеленски има рок до четврток да го прифати мировниот план на Трамп од 28 точки, кој бара Украина да предаде територија, да прифати ограничувања за украинската војска и да се откаже од своите амбиции за членство во НАТО. Сепак, во саботата, на прашањето дали овој план е неговата последна понуда за Украина, Трамп рече – не. Трамп ја остави отворена можноста за измени во планот за мир во Украина.

Европските сојузници на Украина – предводени од Велика Британија, Франција и Германија, изразија загриженост во врска со предлогот, кој сè уште не е официјално објавен, иако клучните елементи се јавно објавени.

Многу од условите на договорот бараат големи отстапки од Киев и се чини дека ги одразуваат многу од барањата на Кремљ – вклучувајќи го и предавањето на украинските региони Донецк и Луганск, познати како Донбас и Крим, со поставување на ограничувања за големината на нејзината војска.

За возврат, Украина би добила некаков вид „безбедносни гаранции“, особено од Соединетите Американски Држави, би ѝ било дозволено да се приклучи на Европската Унија (ЕУ) и да добие одредени финансиски бенефиции. Од Русија, исто така, би се барало да се повлече од некои од украинските територии што ги окупира во моментов.

Американскиот државен секретар Марко Рубио ги отфрли тврдењата на група американски сенатори дека планот за прекин на војната во Украина, презентиран од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, всушност е руска „листа на желби“, а не вистински предлог на САД. Како што објави Си-Би-Ес, Рубио нагласи дека Вашингтон е автор на документот и дека тој обезбедува силна рамка за тековните преговори.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц и другите западни лидери кои ја поддржуваат Украина го отфрлаат американскиот план во неговата сегашна форма. Иако нацртот е основа, потребна е понатамошна работа, се вели во заедничкото соопштение. Тоа беше објавено по кризниот состанок на маргините на самитот на Г20 во Јоханесбург, Јужна Африка.

Во него се нагласува „принципот дека границите не треба да се менуваат со сила“, рекоа претставници на неколку европски земји, Канада и Јапонија. Сојузниците, исто така, го отфрлаат намалувањето на украинските вооружени сили предвидено во американскиот концепт, што би ја направило земјата ранлива. Ниту Европејците ниту Украина не биле вклучени во развојот на американскиот план. Според извори од германската влада, сега се работи на нивниот документ, пишува Дојче Веле.

Претходно Зеленски, коментирајќи го мировниот план, предупреди дека Украина „или ќе го изгуби достоинството или ќе ризикува да изгуби голем партнер“. Рускиот претседател Владимир Путин потврди дека Москва го добила американскиот план и оти тој може да биде основа за мирно решавање на конфликтот. Путин истакна дека Украина е против планот, но дека ниту Киев ниту европските сили не ја разбираат реалноста оти руските сили напредуваат во Украина и ќе продолжат доколку нема мир.

Лидерите на Нордиско-балтичката осумка (НБ8) во саботата по разговорот со Зеленски објавија заедничко соопштение во се наведува дека „Русија сè уште не се обврзала на прекин на огнот или на какви било чекори што водат кон мир“. НБ8 е регионален формат за соработка, кој ги вклучува Данска, Естонија, Финска, Исланд, Латвија, Литванија, Норвешка и Шведска.

 

 

ИЗДВОЕНИ