Еден од најдобрите фудбалски тренери, Германецот Јирген Клоп, е пред голем кам-бек. Како што пишува италијанскиот весник „Ла Стампа“, Клоп е на чекор до преземање на римскиот клуб Рома. Оваа вест одекна во цела Европа, иако многумина не веруваат дека навистина ќе се случи ова, особено поради работата што ја работи Германецот.
По големиот успех што го постигна со Ливерпул, тој објави дека му е потребна пауза од тренерската работа, дека сака да се одмори од секојдневниот стрес и сè што доаѓа со работата како главен тренер. Затоа ја прифати улогата во Ред бул и ќе биде задолжен за сите фудбалски активности таму. Кога се согласи за оваа соработка, постави само еден услов, а тоа беше дека може да го раскине договорот доколку добие покана да биде селектор на германската репрезентација.
Неодамна се појавија шпекулации дека го повикал Реал Мадрид и дека тој ќе го замени Карло Анчелоти, па неговиот агент Марк Косицки реагираше итно и рече за него дека „е среќен со својата нова работа“ и дека нема да оди во Мадрид. Кратко потоа, Чаби Алонсо потврди дека го напушта Баер Леверкузен и дека само чека на промоција на „Сантијаго Бернабеу“.