Клоп доживеа „предавство“, неговиот пријател оди кај лутиот ривал

153
EPA-EFE/ADAM VAUGHAN

Пеп Лијндерс во фудбалскиот свет е најпознат како десна рака на легендарниот менаџер на англискиот премиерлигаш Ливерпул, Јурген Клоп.

Двојката почна да соработува уште во 2015 година кога Клоп ја презеде функцијата менаџер на тимот од „Енфилд“.

Германецот го промовираше од младински тренер во асистент веднаш по неговото пристигнување во Ливерпул.

Оттогаш тие имаат одлични деловни односи, но развиле големо пријателство и надвор од фудбалските терени.

Заедно постигнаа многу успеси, меѓу другите освоија два трофеи во Лигата на шампионите, англиската Премиер лига и ФА Купот.

Откако Клоп ја заврши својата деветгодишна мисија во Ливерпул, Лијндерс тргна по неговите стапки.

Холанѓанецот го напушти „Енфилд“ и реши да се сврти кон самостојна работа, а шанса за такво нешто доби од австрискиот клуб РБ Салцбург.

Тој седна во жешкото столче во јули минатата година, но неговиот ангажман таму траеше кратко, а клубот го напушти веќе во декември.

Сепак, Лијндерс нема долго да биде без работа, бидејќи голема желба на Пеп Гвардиола е тој да стане негов помошник во Манчестер Сити.

Гвардиола неодамна ги загуби своите помошници: Хуанмо Лила, Иниго Домингез и Карлос Висенс.

Шпанскиот стручњак сака нови имиња во својот стручен штаб, а очигледно тоа ќе бидат Коло Туре и Пеп Лијндерс.

Многу навивачи ова го окарактеризираа како предавство на Јурген Клоп од страна на Лијндерс, со оглед на ривалството што го имаа Ливерпул и Манчестер Сити.

Слободно може да се каже дека ривалството меѓу овие два клуба ја одбележа последната деценија од англискиот фудбал, а сега Лијндерс оди кај „лутиот“ ривал на Клоп – Пеп Гвардиола.

 

ИЗДВОЕНИ