Климатските промени забрзано ги затвораат скијачките центри во Европа. Има сè помалку снег и гости, а сè повеќе угостителски објекти трајно ги затвораат своите врати.
Во францускиот зимски центар „Сеиз“, работниците си отидоа дома на крајот од сезоната, очекувајќи да се вратат следната зима. Сепак, тие никогаш не се вратија. Денес, по 85 години работење, „Сеиз“ е еден од дури 186 француски скијачки центри кои се трајно затворени, пишува „Политика“.
Главната причина за овој тивок колапс се климатските промени. Алпите се затоплуваат двојно побрзо од остатокот од планетата, а снежната граница, висината на која врнежите се претвораат во снег, се искачува. Некогаш сигурната зимска покривка стана реткост, а сезоните се намалија на само неколку недели, што го направи бизнисот финансиски неодржлив.
Скијачкиот центар „Ла Самбуј“, во близина на Мон Блан, имаше снег само четири недели минатата зима, што резултираше со годишна загуба од околу 500.000 евра. Слична судбина го снајде и „Сеиз“, кој минатата сезона успеа да работи едвај месец и половина, со трошок од 450.000 евра.
Прогнозите не се оптимистички. Истражувањето објавено во научното списание „Нејчр клајмат чеинџ“ предупредува дека, со пораст на глобалната температура од два Целзиусови степени, повеќе од половина од скијачките центри во Европа би можеле да се соочат со критичен недостиг на снег. А вештачкиот снег не е решение, зашто неговото производство бара огромно количество вода и енергија и е неефикасно на температура над еден Целзиусов степен.












